Британскиот премиер Џонсон во болница

Британскиот премиер Борис Џонсон е во болница поради инфекцијата со коронавирус. Се работи за „мерка на претпазливост“, уверува кабинетот на премиерот. Поради тоа што симптомите на инфекцијата со коронавирус не престанувале, британскиот премиер Борис Џонсон е пренесен во болница на испитувања, соопшти Даунинг стрит. Од владини кругови се тврди дека премиерот сепак и натаму ги извршува своите премиерски обврски.

Откако на 27 март беше јавено дека Џонсон е позитивен на тестот за вирусот, владата соопшти дека доколку премиерот не биде во состојба да ја извршува функцијата, тоа ќе го преземе министерот за надворешни работи Доминик Раб.

Во изминатите десетина дена Џонсон се наоѓаше во карантин во стан над неговите службени простории на Даунинг стрит. Се сметаше дека тој на трети април ќе биде во состојба да функционира нормално, но во петокот премиерот во видео-порака објасни дека се чувствува подобро, но оти сѐ уште има температура. Затоа, рече Џонсон, тој продолжува со самоизолација.

Advertisement