Бројката на загинати од земјотресот достигна 28, повредени над 750 лица

Најмалку 28 загинати и над 750 повредени лица е билансот од катастрофалниот земјотрес што вчера ја погоди Албанија, спасени 46 лица во спасувачката акција, за чие непречено одвивање неколку европски земји испратија свои екипи за трагање. Се стравува дека десетина лица сѐ уште се заробени под урнатините.

Илјадници луѓе ноќта ја поминаа под отворено небо на фудбалскиот стадион во Драч, каде албанската војска постави шатори за сместување на оние лица чии домови се уништени. Министерството за одбрана информираше дека најтешко погодени од земјотресите се подрачјата Драч и Тумане. Албанската влада утрово одржува вонредна седница за преземање мерки по природната катастрофа.

Најсилниот потрес со јачина од 6,4 степени се случи вчера наутро, во 3:55 часот. Радио-телевизија Албанија јавува дека во изминатово деноноќие биле регистрирани околу 300 послаби земјотреси. Помош и спасувачки тимови во Албанија веќе испратија Македонија, Италија, Франција, Романија, Турција, Грција, Хрватска, Црна Гора, Косово и Србија.

Македонската влада на вчерашната седница донесе одлука да се издвоји првична финансиска помош од 100.000 евра. Во Албанија веќе се испратени тимови за спасување составени од 30 стручни лица, а дополнителна екипа за спасување испрати и Градот Скопје. Повеќе општини во земјава најавија дека ќе испратат финансиска помош за настраданите во земјотресот.