Бушати: Чамите ќе си ги добијат своите имоти во Грција

 

Се очекува Тирана и Атина да ги надминат разликите за имотите на Чамите во Грција, изјави шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати на седницата на Комисијата за надворешна политика во собранието на Албанија. Според албанските медиуми, министерот за надворешни работи на Албанија оценил дека неговите средби со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас биле мошне успешни. Според него, има многу напредок во решавањето на отворените прашања на Албанија со Грција. „Чамите во Грција ќе може да си ги вратат своите имоти“, нагласил Бушати одговарајќи на прашање на пратеници во Комисијата за надворешна политика. Оптимизам за ова прашање деновиве покажа и премиерот на Албанија, Еди Рама, на средбите со својот грчки колега Ципрас.

Според здружението „Чемерија“, историски Чемерија е територија во Грција во која живееле етнички Албанци, а останала надвор од Албанија на амбасадорската конференција во Лондон 1913 година. Според една оцена на Меѓународната кризна група, „големите сили таа година не можеле да претпостават и да очекуваат дека Албанија како нова земја, чии граници биле определени во 1912 година, ќе трае толку долго за по речиси еден век да предизвика сериозни тектонски нарушувања во регионот“. Чемерија ѝ била доделена на Грција, а во 1945 година 35.000 етнички Албанци со православна и муслиманска вероисповед биле истерани поради соработка со окупаторските германски и италијански власти.

Advertisement