Честитка од Македонското друштво “Илинден“-Тирана по одлуката на Вселенската Патријаршија да ја признае Охридската Архиепископија за канонска

Македонското друштво “Илинден“-Тирана на Поглаварот на МПЦ-ОА и на сите православни христијани им ја честиташе одлуката на Вселенската Патријаршија да ја признае Охридската Архиепископија за канонска.

Почитуван поглавар на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Ваше Блаженство Архипископ Охридски и Македонски, г.г. Стефан, нека ми биде дозволено во мое лично име, во име на македонско друштво “Илинден”-Тирана, како и во името на македонското национално малцинство во Република Албанија, да Ви го честитам признавањето на нашата древна и возобновена Охридска Архиепископија за канонска од Вселенската Патријаршија, стои на почетокот од честитката.

Се додава дека ова серадосно благовестие од Цариград им го честитаат и на целото свештенство и на сите православни верници.

Одлуката на Вселенската Патријаршија за признавање на Охридската Архиепископија за канонска е една од најсветлите одлуки, исклучително важна за нашата Света македонска православна црква како темел и заштитник на македонскиот народ. Значењето на оваа Одлука на Вселенската Патријаршија, е големо бидејќи таа доаѓа по повеќедецениското и повеќестрано негирање на македонскиот национален идентитет. А со оглед на тоа што

нашата црква е нашиот темел, нашите души се преполни со радост по одлуката со која нашата црква станува дел од големото семејство на православни цркви, се наведува во продолжение.

Во чесититката, потпишана од претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај, се поздравува мудроста и упорноста на Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, како и сите владици и членови на Светиот архијерејски Синод на МПЦ-ОА, кои со „трпеливост и богупонизност, успеаја да се обезбеди континуитетот на МПЦ со Охридската Архиепископија, а со тоа да се зачува и вековниот континуитет на православната вера во Македонија“.

Advertisement