Честитка од Македонското друштво “Илинден“-Тирана по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, 21 февруари, Македонското друштво “Илинден“-Тирана упати честитка до припадниците на македонското национално малцинство во Република Албанија, како и до сите Македонци ширум светот.

Честитајќи ви го денешниот ден, сакаме да го истакнеме знаењето и негувањето на мајчиниот македонски јазик за децата од македонското национално малцинство во Република Албанија. Негувањето на мајчиниот македонски јазик значи  јакнење и зачувување на националниот и културен идентитет, со што нашите деца ќе бидат воспитани соодветно да ги негуваат своите национални, културни и верски традиции, стои во честитката.

Се нагласува и значењето на образованието на мајчин јазик, бидејќи, како што стои,  тоа е најважниот сегмент во негувањето на основните обележја на еден народ.

Македонците во Албанија ги има во четири етнички области: Голо Брдо, Мала Преспа, Гора, Врбник, како и во најголемите градови – Тирана, Елбасан, Драч, Корча, Билишта, Подградец, Скадар, Кукс, Берат, Либражд, Валона, Фиер, Патос. Бројноста на Македонците во Република Албанија е над 120.000 според процена на македонските организации во земјата, но за жал  во 21 век, ним статус на малцинство им е признаено само во Мала Преспа, каде имаат право на образование на мајчин јазик, наведува друштвото.

Потсетува дека веќе три децении од сите албански влади барале образование на мајчин јазик за децата од Голо Брдо, каде настава на македонски имало до педесеттите години од минатиот век, потоа во Гора, како и во другите делови каде концентрацијата на Македонците е  поголема, но позитивен одговор нема.

Нема ништо поубаво од тоа да се пишува, твори и зборува на својот мајчин јазик. Јазикот е непресушен извор кој треба постојано да се негува и пред сè да се зачува чистината на убавиот македонски збор. Нека е честит Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, се наведува во честитката потпишана од претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај.

Advertisement