Велигденска честитка до МПЦ-ОА од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во лично име и во име на партијата им го честита празникот Велигден на поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија г.г. Стефан, на членовите на Светиот Архиерејски Синод, на свештенството и монаштвото и на сите православни верници.

Христовото воскресение ги содржи универзалните пораки за мир, љубов, солидарност, меѓусебно почитување. Да празнуваме и да се потсетиме на овие пораки во овие празнични денови, но и да ги задржиме како патоказ. На нашата земја и е потребно единство и толеранција, меѓусебно почитување и обединување околу целите кои не придвижуваат нанапред. Економскиот развој, поттикнување на домашното стопанство, инвестициите, претприемништвото се сферите кои се наш приоритет и го движат општеството нанапред. Успехот е можен и тој е достижен доколку напорно и обединето настапиме во решавањето на предизвиците и надминување на разликите, пишува Груевски во честитката.

Проблемите на граѓанинот се заеднички, напиша тој, и сите ги споделуваме и живееме со нив, ги разбираме и се трудиме да помогнеме, солидарноста и хуманоста е потребна, но е потребна и мудрост и решителност.

Нашата цел е заедничка, единствена и просперитетна Македонија, дом на сите граѓани, место каде секоја индивидуа се почитува, и се реализира.  Во нашата држава постои традиција на соживот и сплотеност во различностите, што е богатство кое вреди да се негува и кое не води напред. Вредностите на христијанството, помагањето и солидарноста, љубовта кон ближниот и за сите кои имаат потреба не прави луѓе, пред се. Македонија мора и ќе оди напред.  Ви посакувам убави празнични денови, љубов и хармонија во сите семејства кои го празнуваат Христовото воскресение, добро здравје, духовен мир и благосостојба во домовите, пишува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во велигденската честитка до МПЦ и православните верници.