Честитка по повод празникот Рожденство Христово Божик од Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, г. Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан и до сите христијани, по повод големиот празник раѓањето Христово – Божик

Дозволете ми од мое и од име на ВМРО-ДПМНЕ, Вам лично, на членовите на Синодот, на ценетото свештенство и монаштво како и на сите православни верници да им го честитам еден од најголемите христијански празник Раѓањето Христово – Божик.

Овој голем ден нека ви донесе здравје, радост, светлина, љубов, среќа и топлина во вашите домови која ќе ве следи во текот на целата година. Раѓањето Христово нека служи како потсетник на традиционалните вредности кон кои се стремиме, хуманоста, разбирањето и меѓусебното почитување. Исус ги освои срцата на луѓето со својата благост и љубов, ја победи смртта и ни ја врати надежта, неговите дела нека бидат пример за сите.

Божиќ го симболизира раѓањето на надежта, надеж за подобра иднина, подобро утро за идните поколенија. Иднина која ќе ја креираме заедно и заедно ќе ја живееме.

Влегуваме во година на предизвици и одлуки. Тешкото секојдневие на луѓето, црнилата и растечката сиромаштија преовладуваат во секојдневието на граѓаните, и тоа се заедничките тешкотии кои мора да бидат надминати. Да си спомнеме за сите оние граѓани кои овие празници ги дочекуваат со напластени проблеми, со неизвесност која преовладува и живот кој станува потежок. Несигурноста да биде замената со стабилност, да градиме иднина, да се избориме за подобар живот.

Светлоста на еден од најголемите христијански празници нека биде водилка за секој еден на патот на личниот успех и среќа, бидејќи успехот на поединецот е успех за сите. Нека е честит и вековит празникот Рожденство Христово, Божик. Христос се роди, Навистина се роди! – стои во честитката од  Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ.