Да се воведе авиолинија Тревизо – Охрид бараат иселениците од Италија

Министерот задолжен за дијаспора Џемаил Чупи испрати барање до Министерството за транспорт и врски за дополнителни авиолинии на релација Тревизо – Охрид откако престојуваше во Италија и имаше средби со претставници на здруженијата на нашинците во регионот на Венето.

Нашите активни здруженија во регионот Венето изразија потреба од авиолинија Тревизо – Охрид, бидејќи во овој регион живеат и работат околу 25 000 граѓани од Македонија, од кои половината се од југозападниот регион – Дебар, Центар Жупа, Кичево, Охрид, Струга, Маврово-Ростуше, објави Чупи на Фејсбук.
Додава дека со реализација на барањето, ќе се „ублажат тешкотиите на нашите граѓани”

Врз основа на договорот за финансиска поддршка помеѓу Македонија и компанијата WizzAirHungaryLtd реализиран во 2019 година за осум авиолинии, испратив барање до Министерството за транспорт и врски  да се изнајдат можности за реализација на дополнителни авиолинии на релација Тревизо – Охрид, со цел да се ублажат тешкотиите на нашите граѓани, соопшти Чупи.

Најавата за ова наиде на позитивни коментари од нашите иселеници, според кои ова го бараат десет години, а првпат некој македонски функционер тоа јавно го објавува. Очекуваат и дека барањето ќе биде исполнето.
Advertisement