Дебарско Езеро мека за рекреација и водни спортови

 Географските карактеристики, климата, богата флора и фауна, го чинат Дебарското Езеро едно чудесно богатство, кое полека, но сигурно, станува мека не само за дебрани кои од жештините наоѓаат спас тука, туку и за многуте гости, печалбари кои се уште се во родниот крај, рекреативните риболовци и спортовите на вода.И во текот на ова лето, градската плажа бешe преполна. Во овој еден од најубавите делови во градот заедно со дебрани пријатни мигови минуваа и гости од други делови на државава, кои по роднинска или пријателска линија, престојуваа во градот, како и деца на нашинците од повеќе западно европски земји, главно од Италија, Германија и Луксембург, но и од САД.

Многу ни е убаво тука. Моите пред шеснаесет години заминале за САД, јас тогаш бев дете, но колку што може да се зачуваат спомените од детството ги носам во мојата душа. Тука бев и лани, а и годинава и секогаш ќе доаѓам. Многу го сакам Дебар. Тука имам и многу роднини, а со братучедите секојдневно сме и на Дебарско Езеро, вели Мирјета Војника.

Присутните на градската плажа сега имаат можност и да се разладат со по некоја пијачка, но и да испијат кафе, да замезат но и да добијат квалитетено подготвен оброк, во кафулиња и рестораните,меѓу кои најпознати се „Перла“ и „Мерак“ Сопствениците пред секое од нив ги имаат уредено и плажите. Во непосредба близина на плажата се наоѓа и ново изградениот хотел каде случајните или намерни патници може и да ноќеваат.

И кафулињата и хотелот „Леон“ се нешто што навистина на градот му недостигаше. Сега секој може да дојде на ден или повеќе, зашто ако речам нема да згрешам, сега има идеални услови. Имаме убава природа, езерото прекрасно, но вакви објекти недостасуваа, посебно кога станува збор за сметувачки капацитети, вели Сузана Јосифовска.

Кон се поголемата посетеност на езерото секако придонесува и патната инфраструкутра. На патот покрај езерото, пред две години е изграден и тротоар, а поставено е и улично осветлување. Овој пат дебрани од сите возрасти  го ползуваат за рекреација во текот на целата година.

Дебарско Езеро нуди идеални услови за водни спортови

Дебарско Езеро нуди и идеални услови за сите видови спортовите на мирни води. Дебарското Езеро има иделани услови за сите спортови на вода: веслање, кајак на мирни води, кану, рекреативен риболов. Тоа е мирно езеро, за разлика од Охридското, на пример, кое иако е поголемо, но е понемирно. Таму знае да фатат бранови во секое време, тука тоа ретко го има, вели Урим Леши, претседател на кајакарскиот клуб „Радика“, кој постои четири децении, а чии членови се редовни во составот на македонската кајакарска репрезентација.

Со реконструкцијата на објектот, кого дебрани повеќе го знаат под името хангар, а сега Спортски рекреативен центар, создадени се услови и за престој на спортисти, а со тоа и услови за одржување кајак и кану-натпревари и регати, со учество и на странски екипи. Последните години тука доаѓаат на подготовки и членови на веслачката  и кајакарската репрезентација на  Бугарија и на Русија. Нивното доаѓање во последните години е доволен доказ дека се задоволни од условите, но и гостопримството на дебрани, посочува Леши.

Во летните жештини, долж брегот, почнувајќи од селото Долно Косоврасти до месноста „Три чешми“ (Манастирец) има повеќе стотици, а за време на викенд и неколку илјади капачи, но и рекреативни риболовци, кои ги има не само локални жители, туку и од други градови во Македонија, но и од Косово.

Она што при тоа е најбитно секако е исправноста на водата за капење.Редовно земаме мостри од неколку места долж езерскиот брег, каде има капачи. Анализите потврдуваат дека водата во сите делови, е од втора категорија, што значи е хемиски и бактериолошки исправна за капење, потврдуваат од работната единица на Заводот за здравствена заштита во Дебар, кои анализи на езерската вода прават од мај до средината на септември до кога и има капачи.

Во последните две лета Дебарско езеро има спасувачи на вода

Во последниве две летни сезони на брегот на Дебарско Езеро, во делот кај градската плажа, каде има и најголема посетеност функционира и екипата спасувачи на вода.Екипата, ова лето ја сочинуваат шест момчиња, кои располагаат со соодветен сертифкат,  а  кои како и ланското лето се  лоцирани на две локации на градската плажа, а за безбедноста на капачите ќе се грижат до првата недела од септември.

По повеќе од една деценија, првпат спасувачи на вода на дебарската плажа имаше ланското лето, благодарение на финансиската поддршка на татковинското друштво „Дибра“, на дебарчани во САД, кои и годинава издвојуваат финасиски средства за оваа цел.

Ова не би можеле да го реализираме ни лани ни годинава доколку не добиевме поддршка од татковинското друштво „Дибра“ на дебарските иселеници во САД. Тие обезбедија финансиски средства за престојот на спасувачи во текот на летната сезона. Од наша страна организиравме дополнителна обука за спасувачите, како и обука за давање прва медицинска помош при полесни повреди, се мисли на исеченици, вели Исни Телќиу, секретар на дебарскиот Црвен крст.

Ќе продолжиме со поддршката за спасувачите на вода. Тоа е најмалку што можеме да направиме за нашите дебрани и гостите кои престојуваат тука во летниот период. Поддршката е со цел поголема безбедност на нашите  сограѓани и гости кои се разладуваат  и рекреираат на Дебарско Езеро. Нашето мото е „надгледувањето и безбедноста на граѓаните на плажите на Дебрско Езеро е над се, рече Мифтари.

Поради недостиг на потребните средства изминатите неколку години,  дебарските спасувачи наместо на Дебарско беа ангажирани на брегот на Охридско Езеро.

Капиталци крап се ловат на Дебарско Езеро

Дебарските рекреативни риболовци не ретко во месеците мај и јуни имаат богат улов на риба од видот „крап“, тешки и до 15 килограми.

Има многу дебрани кои имаат уловено големи парчиња крап во Дебарско Езеро, но според нив во помал број споредено, на пример со пред три години.

Од дете сум рибар, го сакам езерото, кое е наш претпознатлив бренд. Има секаков вид риба, крап, клен, плашица, пастрмка. И јас сум еден од повеќето среќници кои уловиле капиталец. Ги има со различна тежина, најтежок што сум уловил јас е 15 килограми, во делот кај Мелнички Мост, вели Богдан Зафировски.

Тој не е единствен. Мајсторијата во риболовот продолжува да ја потврдуваат и повеќе дебарски рекреативни риболовци.

Советот на Дебар бара шестгодишна забрана за стопански риболов на Дебарското Езеро

По барање на Спортското риболовно друштво „Трофта“ (Пастрмка) Советот на Општина Дебар, едногласно одлучи да побара од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, забрана за стопански риболов во Дебарското Езеро.

Членовите на Советот, кои ги застапуваат интересите на граѓаните, беа запознати од страна на претставници на невалдиниот сектор и спортското риболовно друштво, со одлуката што тие ја донеле на заедника средба со рекреативните риболовци и други граѓани. Едногалсно го поддржавме барањето да се воведе шестгодишна забрана за стопански риболов, кој го осиромашува рибниот фонд. Барањето е испратено до соодветната инситуција и очекуваме позитивен одговор, вели Башким Машкули, претседател на Советот.

Советот, исто така, бара концесијата ,која треба да се одреди следниот месец, да се даде на друштвото „Трофта“, бидејќи езерото им припаѓа на дебрани и тие најдобро ќе се грижат за него.

Актуелниот концесионер ЗЗ „Охриска пастрмка“, Пепи Винца, обвинувањата дека неконтролирано ловел риба и не порибувал вели дека се чиста дезинформација.

– Ловиме риба во рамки на пропишаните критериуми и ништо повеќе. Дури можам да се пофалам дека и појавата на рибокрадци кои пред пет години ги имаше многу, сега се сведени на минимум, дури речиси и ги нема како резултат на рибочуварската служба што ја воведовме веднаш по добивањето на концесијата. Исто така, според планот од Министертвото редовно вршиме и порибување со подмладок од крап и пастрмка, вели Винца.

Посочува дека доколку се сака добро на езерото концесијата треба да се определи што побрзо.Дебарското Езеро е вештачко езеро на местото каде што реката Радика се влева во реката Црн Дрим кај месноста Шпилски Мост. Тоа е најбогатото езеро со вода од сите вештачки езера во Македонија. Има површина од 13,2 км², 92 метри длабочина и надморска височина од 580 м. Се користи како акумулација за ХЕ „Шпиље“ од 1969 година./Вера Тодоровска