
Неделава во Меѓународниот прес центар на Палатата “Резиденс“ во Брисел, веднаш до Европската Комисија, се одржа Првата Меѓународна конференција во Европа посветена на изградбата на израелските населби на окупираните палестински територии. Конференцијата се одржа на англиски, француски и арапски јазик со присуство на евро-пратеници, амбасадори, пратеници од земјите членки на Европската Унија, новинари, меѓународни невладини организации и Палестинци и пријатели на Палестина, делегати од повеќе држави во светот: Палестина, Израел, Јордан, САД, Велика Британија, Франција, Белгија, Германија, Македонија, Шведска, Чиле, Грција, Хрватска, Бугарија, Шпанија, Португалија, Кипар, Шри Ланка, Романија, Чешка, Италија, Финска и Холандија.
Организатори на конференцијата беа Националното биро за одбрана на Палестина, Одделението за односи со палестинските иселеници, Шведскиот Комитет за Ерусалим, Меѓународната асоцијација на демократските правници, Светската Федерација на демократската младина, Германско-Палестинското друштво за пријателство, Германската координација меѓу Палестина и Израел, Светскиот Мировен Совет, Палестинската канцеларија за јавни групи, Европската алијанса за одбрана на палестинските затвореници и Белгиско-Палестинската асоцијација.
Делегатите и гостите на Конференцијата ги поздравија: г.Пјер Галан, сенатор во парламентот на Белгија и претседавач на Координативниот комитет во Белгија за Палестина; д-р Абдалрахим Алфарра, амбасадор на Мисијата на Палестина во Европската Унија; и г.Тајсер Кхалед, член на Извршниот комтитет на ПЛО и шеф на Одделението за односи со палестинските иселеници и шеф на Националното биро за одбрана на земјата и за отпор против изградба на нелегални населби.
Конференцијата работеше во седум работни групи, посветени на повеќе аспекти на прашањето за изградбата на еврејски населби на окупираните палестински територии од 1967 година. Во работата на конференцијата присуствуваше и делегација на Светскиот Македонски Конгрес предводена од претседателот Тодор Петров, кој беше еден од панелистите кој ги поздрави присутните!
Конференцијата заврши со: Декларација и План за акција против политиките за изградба на израелски населби на окупираните палестински територии, Апел од Конференцијата до Европскиот Парламент, и Иницијатива за формирање на Комитет при Европската Комисија против изградба на израелски населби на окупираните палестински територии. Учесниците се согласија наредната конференција да се одржи во Женева, Швајцарија. Присутните изразија задоволство бидејќи за првпат сите палестински фракции учествуваа во работата на оваа Меѓународна конференција за Палестина и голем број на пријатели на Палестина.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden