Ден на македонската револуционерна борба 23 октомври 1893

Во 23 октомври 1893 година е одржан првиот состанок на основачите на МРО (подоцна Внатрешната Македонска Револуционерна Организација – ВМРО) на кој заеднички ја прифатиле и се обврзале да се борат за идејата, дека е потребна подготовка и водење на организирана револуционерна борба за слобода на Македонија и создавање на национална држава на македонскиот народ. Основите на Организацијата со цел обединување на националните сили на македонскиот народ и започнување организирана борба за исполнувањето на вековниот сон – ослободувањето на Македонија. Многу страници од тогаш до денес се испишаа, но, уште многу страници останаа неиспишани, зошто таа борба видоизменета се уште трае. Се уште има народи кои му го оспоруваат правото на македонскиот народ на сопствена држава и идентитет, се уште постојат земји кои го попречуваат развојот на македонската држава.

На 23 октомври 1893 година (стар стил), шестмина млади македонски интелектуалци ги поставија темелите на Македонската револуционерна организација. На тој историски ден, по иницијатива на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов во Солун се собраа Д-р Христо Татарчев и учителите Даме Груев, Петар Поп Aрсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Тие основаат конспиративна група, нарекувајќи ја Македонски Револуционерен Комитет и ги ставаат основите на тоа, што денес е симбол и знаме на борбите на Македонците за слобода. Согледувајќи дека во Македонија постојат услови за развивање на засилена револуционерна дејност, шестмината македонски револуционери ги поставуваат следните цели на Организацијата:

1) Таа да биде тајна и револуционерна;

2) нејзината територија да ја сочинува Македонија во географските и етнографските граници, поради што ќе се вика внатрешна и

3) во неа да членуваат лица што се родени и што живеат во Македонија, без разлика на вера и народност. Поставувајќи ја политичката цел тие бараат: а) автономија на Македонија; б) да се чува самостојноста на Организацијата и в) таа да не падне под влијание на политиката на владите на соседните слободни држави.

Шестмината неуморно работеа на остварување на поставените цели. Организацијата растеше и се повеќе се ширеше нејзината мрежа. Понекогаш прекината, таа одново се возобновуваше. Надежните, оние кои беа против Егзархијата и се залагаа за децентрализација на црковно-училишното дело се посветуваа и во својот реон формираа кружоци од посветени и борбени другари. Факелот на револуционерното дело го предводеа учителите, а бројот на посветени растеше. Револуционерниот оган го понесоа не само учителите и нивните ученици, туку сите прогресивни елементи меѓу слободољубивиот македонски народ. Наскоро тие станаа  стотици, илјадници следбеници.

Сепак, факелот во рацете на Гоце Делчев стана ѕвезда водилка на македонското револуционерно дело. Иако неговата ѕвезда предвреме згасна, револуционерниот оган кој го запали апостолот на македонското револуционерно движење силно ќе се разгори и ќе го обедини народ во Македонија за време на Илинденското востание во 1903 година.

На 2 август 1903 година, на ден Св. Илија, името на Македонската Револуционерна Организација со златни букви ќе се запише на страниците на македонската историја. Иако Крушевската Република трае само десет дена, разгорениот слободарски жар во срцата на македонскиот народ, никогаш повеќе нема да згасне.

Покажаната храброст и постигнатиот краткотраен успех на слабо вооружениот народ во борбата за слобода со далеку посилната и модерно вооружена османлиска армија, надалеку ќе се слушне. Тоа беше повод македонскиот народ да сфати дека само обединети под еден бајрак, без разлика на својата верска или етничка припадност, а предводен од Македонската Револиционерна Организација, како и нивната храброст, може да им ја донесе толку посакуваната слобода.

Но, тој исто сфати дека не може да се надева некој друг, некоја туѓа соседна земја дека ќе ги ослободи од ропство. Оттука, по Илинденското востание Македонската Револуционерна Организација станува главна движечка сила на македонскиот непокор. Од своето формирање па се` до расцепот во Организацијата во 1908, таа во неколку наврати го менува своето име и носи називи како ТМОРО и ВМОРО.

Сепак, Организацијата секогаш во името ги задржува придавките Македонска и Револуционерна. По расцепот, еден период левицата се именува како МОРО, а во текот на 1910 година, десницата на македонската организација го добива конечното име Внатрешна Македонска Револуционерна Организација или ВМРО.

Последиците од поделбата на Организацијата, имаа тешки последици за македонскиот народ. Тоа доведе до парализирање на Македонската Револуционерна Организација во периодот на Балканските војни во 1912 и 1913 година, што пак ја овозможи поделбата на Македонија и македонскиот народ.

Но, тоа не ги спречи македонските интелектуалци во Русија, Швајцарија и други европски земји да го дигнат својот глас во текот на Првата Светска Војна против поделбата на Македонија. Тие бараат обединување на цела Македонија во една држава и создавање на самостојна и независна македонска држава. Истовремено тие бараат од сите Македонци, без разлика на верата и етничката припадност  да заборават на сите поделби и да создадат единствен отпор против поделбата на Македонија која не им припаѓа ниту на Бугарија, ниту на Србите, ниту на Грците, туку само на Македонците.

Повиците за обединување ќе наидат на одзив во татковината. Напорите да се обединат политичките сили од сите делови на Македонија во единствено македонско револуционерно движење резултираат дури во 1924 година кога бил издаден Мајскиот манифест. Во него меѓу другото стои дека:

ВМРО во својство на вистинска револуционерна сила се бори за ослободување и обединување на раскараните делови на Македонија во една наполно самостојна (независна) политичка единица во нејзините природни етнографски и географски граници. Таа смета дека политичкото постоење на Македонија може да биде гарантирано само од сојузот на самостојно определените балкански народи во форма на една Балканска Федерација, која што единствено ќе може да ги парализира анексионистичките стремежи на постојните балкански држави, да го осигура правилното решавање на сите национални спорови, да го гарантира културниот развиток на сите етнографски малцинства“.

Меѓутоа, токму поради ваквите ставови, набргу по објавувањето, еден од авторите на „Мајскиот Манифест“ и обновувачот на ВМРО, Тодор Александров ќе биде убиен. Сепак неговото убиство не значи и крај на македонската револуционерна борба. Македонските револуционери ги продолжуваат светлите илинденски традиции и идеите на ВМРО преку другите политички партии и разни културни и литературни здруженија.

Македонските студенти кои го организираат Конгресот МАНАПО во 1936 во Охрид, остануваат доследни на македонската револуционерна борба.

Тоа ќе се одрази и на антифашистичкото движење во Македонија за време на Втората Светска Војна. Македонските команданти во своите говори го истакнуваа значењето на Илинденското востание. Тие,  зборувајќи пред македонската народноослободителна војска велат дека, сега кога: „македонскиот народ се наоѓа пред решителна борба за извојување на својата национална  слобода, споменот на Илинден треба повеќе од секојпат да светли пред очите на целиот македонски народ, пред лицето на сите чесни и слободољубиви Македонци, сите кои ја сакаат својата земја…“

Во текот на Втората Светска Војна, Методија Андонов – Ченто, потоа сведокот на двата Илиндени Панко Брашнаров, како и многу други борци во НОВ, ќе се борат илинденските идеали да станат македонска реалност. Како што вели Брашнаров: „Македонија ја поделија, ропствата се сменија, но борбата на македонскиот народ не престана“. Поради Илинденските идеали голем број македонски борци, меѓу кои Ченто и Брашнаров, ги загубија своите животи или својот живот го поминаа во затворите. Нивната храброст, ја овозможи нашата слобода.

Денес кога го чествуваме 23 октомври – Денот на македонската револуционерна борба, од формиеањто на ВМРО, се поклонуваме на делото на шестмината македонски револуционери кои ги поставија темелите на ВМРО, како и на сите потомци и следбеници на Делчев, Груев, Карев, Гули, Александров, Чучков, Брашнаров, Ченто, на сите знајни и незнајни херои кои својот живот го положија на олтарот на слободата за Македонија.

Нека ни е вечен Денот на Македонската револуционерна борба! Амин!