Денес прва заедничка седница на владите на Албанија и Италија

Денеска во Рим ќе се одржи првата заедничка седница на владите на Италија и Албанија, предводена од премиерите Еди Рама и Џорџа Мелони. Како што објавија медиумите, ова е прва седница на италијанската Влада со влада на држава која не е членка на ЕУ.

“Состанокот меѓу двете влади ќе биде можност за разгледување на билатералната соработка и договор за понатамошни иницијативи насочени кон зајакнување на стратешкото партнерство меѓу Рим и Тирана, идентификувајќи ги клучните сектори како што се одбраната и безбедноста, енергетиката, миграцијата, цивилната заштита, здравството, животната средина, економскиот и инфраструктурниот развој, како стручното оспособување во секој од овие сектори на соработка“, пренесоа медиумите.

Во областа на одбраната, Италија ќе достави опрема и технологија, а во Албанија ќе биде стационирана поморска инфраструктура за изградба и одржување на бродови.

“Во енергетскиот сектор, во тек се работи на проширување на соработката врз основа на трилатералниот договор меѓу Италија, Обединетите Арапски Емирати и Албанија потпишан во Абу Даби на 15 јануари годинава, кој предвидува производство на обновлива енергија во Албанија и подморска меѓусебна врска за обновлива енергија што ќе ги поврзува Италија и Албанија, наведуваат медиумите.

Дополнително, ќе биде формирана заедничка работна група за проширување на соработката во борбата против илегалната имиграција и јакнење на капацитетите за поморска патрола на Албанија.

Во центарот на билатералниот состанок, кој се случува во важен момент за процесот на евроинтеграција на Албанија, ќе бидат и теми од други области.