Државна негрижа 2

Во Македонија, штотуку завршија едни од историските локални избори со резултати согласно изјаснувањето на македонските жители. Тоа е зад нас, а пред нас се многу нерешени проблеми. Некои на внатрешен, некои на надворешен план.

Овој пат јас ќе проговорам, по којзнае кој пат, за проблемите кои ги мачат Македонците во Албанија. На оваа тема имам пишувано, допишувано, распишувано.

Ама, кому?

Од моето прво истражување во Тирана во 1994 година, постојано се обидував да се видам со Македонците и да поразговарам со нив. Нивниот мелозвучен македонски неизвалкан јазик од „изми“ е богатство кое никој, освен ние, не би го пропуштил. Никој. А во отсуство на македонски научници во македонските села во Албанија, се сјатија бугарски.

За ова во 2007 година го напишав мојот став кој беше наречен „Државна негрижа“, кој го објавив во оној стариот и навистина, професионалниот „Дневник“.

Повод за моето пишување беше еден текст на една од советниците во МОН, а чиј текст почнуваше со тоа колку е значаја историјата за секој народ и за неговата иднина. Текстот го давам во целост, колку да се знае дека ако навреме не се реши проблемот, може да прерасне во уште поголем.

Државна негрижа

(Повод: „Чувство за државност“, „Дневник“, 11 септември)

Читајќи го ставот на Сузана Џамтоска-Здравковска имав чувство дека текстот сум го пишувала јас или некој обичен македонски смртник. Но, кога видов дека госпоѓата е со- ветник во Министерството за образование и наука, не можев а да не напишам и јас еден мој став. Текстот ми дозволува, без никаква иронија, дури и со почит, да и се обратам директно, зашто ваков став од лице на функција како нејзината досега не сум прочитала.

Почитувана г-ѓо Џамтоска-Здравковска, како човек чија професија е историјата сосема се согласувам со првата реченица од Вашиот став и би Ве замолила секое утро тоа да им го советувате на Вашите претпоставени. Белким некому ќе му се задржи нејзиното значење меѓу уши.

Ќе се надоврзам на Вашиот став дека додека ние очи си вадиме, „тие околу може многу лесно да подбуцнуваат, да поткопуваат, да ја испревртуваат историјата, историски нас- тани…“. Поткрепа на овој Ваш став е и настојувањето на Бугарија да ги прикаже Македонците во Албанија како Бугари. Ова не е прв обид, а, за жал, ниту последен. Нивната активност во Албанија секогаш била толку настојчива да не речам агресивна, но не секогаш и плодна. Бугарската влада дава огромни средства за „поткупување” или „намамување” на Македонци што би требало да се изјаснат за Бугари. Далеку од умот е да се каже дека тоа не им успева. Поттикнати од последното, нивната агресивност се засилува со испраќање научен кадар во Албанија, кој треба да ископа некое буквиче што наликува на бугарско и од влакното да направи руно.

Тоа се случи со податоците изнесени во материјалот на Тања Мангалакова под наслов „Бугарите во Мала Преспа и Голо Брдо“. За текстот се произнесе д-р Адрјан Папајани, научник од Албанија, Албанец по потекло, кој говори дека бил во тие предели и не успеал да го најде населението за кое говори Мангалакова. Но, веројатно за колегите од Буга- рија ваквите плукања претставуваат утринска роса, па го продолжуваат одот низ ѕид. (за неупатените: Adrian Papajani, Ethnic belongings of inhabitans in Mala Prespa, Зб. 60 години Институт за историја, Меѓународна научна конференција „Македонија и соседите“, Скопје 8-9.12.2006 година, Скопје 2010).

Сега малку и за нас. Во 2004, како дел од екипата што ја снимаше серијата „Македонците во Албанија”, ја препешачив секоја педа од територијата на Албанија каде што сметав дека има можнбст за снимање на македонско население, но и на такви што не се чувствуваат ниту Албанци ниту Македонци. Серијата, подготвена благодарение на разбирањетб на Советот за радиодифузија, беше презентирана на „Телма”, МРТ и други телевизии. Во емисијата за Голо Брдо, со соговорниците разговаравме за сите цркви кои и ги снимивме. Меѓу другите и за црквата „Св. Илија” за која сега бугарската држава фрла огромни средства и ја обновува како бугарска, веројатно сакајќи да докаже дека ако во Албанија и во Бугарија живеат Бугари, нејасно е како оние на средина се дрзнуваат да се наречат Македонци.

Да биде трагедијата поголема, реакција на оваа постапка на бугарските власти дојде само од Македонците од Албанија, а ние како по обичај молчиме. Оти што ќе правиме ако не искара Европа? Или не знаеме ништо за проблемот, па го голтаме иако некој ден може да се задавиме.

Собраниот материјал од теренот сакав да го надополнам со документација од албанскиот Централен државен архив и другите научни институции во Албанија. За таа намера во 2005 год. преку Институтот за национална историја пријавив проект „Македонците во Албанија”. За жал, во Македонија Министерство за наука не постои, а нашите проекти ги вреднуваа луѓе. што немаат ништо со сознанието за национални вредности, а со функции – советници во Министерството за образование и наука. Проектот беше одбиен. Пак го предложив на конкурсот за проекти од науката во 2006, а информација дали е прифатен се уште нема. Така е кога нема ресорно министерство, па никој нема потреба да ве информира за ништо!

И додека македонската власт од укинувањето на Министерството за наука досега, обучениот научен кадар го чува во канцеларија и не му дава основни средства за работа, проекти или, не дај Боже, пари за објавување книги, Бугарија подготвува многуброен кадар со задача сто пати кажаната лага за Бугарите во Албанија да стане вистина.

Историјата е ТЕМЕЛ на секоја држава, а советниците во МОН ја сведоа на беден фонд на часови во основното и во средното образование, а за средното насочено не сакам ниту да пишувам. Нашиот кадар на Факултетот нема ништо од современата технологија за видеопрезентации. Ние немаме подмладок веќе 10 години. Ова почитувана г-ѓо Џам- тоска-Здравковска, како советник во МОН имате можност да го промените. Само почитувајте ја сопствената прва реченица од текстот „Чувство за државност”.

Во таа 2007 година Бугарија стана членка на Европската унија, а нејзината агресивност кон „Бугарите“ во Албанија значајно се зголеми.

Назад во денешницата.

И после толку години државна негрижа стигна денот за наплата. Во Република Албанија се донесе Закон за малцинствата во кој, со истите методи на работа кои ги гледав во 23 годишните повремени престои во Тирана, добивме Бугари онаму каде историски, можеле да ги сместат само Елд`ров и Мангалакова. Ама, има ли ефект да се говори денес за истото за што сум говорела пред 10 години. Јас посакувам да има и затоа пак ќе напишам. Македонците во Албанија ниту биле, ниту ќе бидат Бугари своеволно. Тоа значи дека, со болка и јад во душата ќе земаат бугарски документи, ќе бегаат од родните огништа, само и само во потрага по подобар живот.

Историски гледано, Македонците во Албанија со децении биле подмамувани со стипендииза децата, со месечни исплаќања, со други погодност од различни пропагатори. Затоа во одреден период ќе најдете „Срби у албанским крајевима“ (Д-р Миленко С. Филиповић, Голо Брдо. Белешке о насељима, пореклу становништва, народном животу и обичајима. Са 1 картом и 8 слика у тексту, Скопље 1940; ), но и ревносно сраотени податоци за „ Българите в Албания “ (Светлозар Елдъров, Българите в Албания 1913-1939. Изследване и документи, София 2000; Tanya Mangalakova, Ethnic Bulgarians in Mala Prespa and Golo Brdo, In Problems of Multietnicity in the Western Balkans, Sofia 2004; Tanя Mangalakova, Na{enci v Kosovo i Albaniя, Sofiя 2008.)

Нормално, нивните трудови се финансирани од државни институции, загрижени за политиката кон „нашинците Бугари“ вон Бугарија, макар тие биле и измислени. А јас, и ден денес немам епилог од судскиот процес со кој барам да ми се платат трошоците направени за проектот „Македонците во Албанија“, патем одобрен од македонското Министерство за образование и наука.

Но, нашата мака е едно, а историјата е друга. И таа е кристално јасна. Она што е нејасно е политиката. Или. Дали она што беше државна негрижа во изминативе 10 години ќе продолжи и натаму? Дали и натаму ќе се мајтапиме со нашите „институти за стратегии“ кои веќе не знаеме ни дали, ни каде постојат; дали ќе ги гушиме и замолчуваме сите оние научници кои со децении ревносно ја работат својата научно-истражувачка работа со свои пари, а со љубов кон Македонците во Албанија, или ќе видиме нешто поинакво од 10 годишното омаловажување? Она што најмалку го посакувам во овој момент е исто вакво писание да пишувам и по десет години./ Проф. д-р Катерина Тодороска научен советник во Институт за национална историја, Република Македонија.

Advertisement