Ексклузивно интервју за Македонски весникот “Илинден”: Г-дин Стевче Стевоски кандидат на политичката партија ДЕМОКРАТИ за градоначалник на Охрид

Македонски весникот “Илинден”: Г-дин Стевоски, која беше основната идеја што ве поведе за да се кандидирате за градоначалник на Охрид?

Г-дин Стевче Стевоски: Основната идеја беше мојата желба Охрид да го направиме 12 месечна туристичка дестинација, Охрид да биде градот на мирот и спокојот, место каде домашните и странските туристи ќе го добијат посакуваниот одмор без стрес и напнатост. Тоа воедно ќе донесе значајна финансиска добивка за граѓаните на Општина Охрид, со што ќе се зајакне и економската моќ на Општината. Од друга страна, сето тоа заедно ќе придонесе и за спокоен и достоинствен живот на жителите во Општината. Другата моја определба да влезам во градоначалничката трка за прв човек на Општина Охрид беше и неспорната потреба да се внесе ред во градењето во Охрид и неговата околина бидејќи досегашната експанзија на градењето на несооднетни места во Општината, сериозно ја загрозуваат познатата и меѓународно призната  уникатност во архитектурата. Имам уште многу аргументи, но, за тоа потоа.

Македонски весникот “Илинден”: Веројатно нашите читатели ги интересира зошто сте кандидат на политичката партија ДЕМОКРАТИ, која е нова партија на македонската политичка сцена?

Г-дин Стевче Стевоски: Програмата на партијата Демократи за мене преставува само уште една потврда дека не сум сам во добрата мисла и идеја за Охрид и Македонија. Иако оваа партија е нова на македонската политичка сцена сметам дека таа е партијата која соодветствува на актуелниот момент кога македонските граѓани, а со тоа и Охриѓани, се крајно разочарани од политиките на досегашните владеачки партии во Македонија. Чесноста, достоинственоста и професионализмот се основните атрибути на партијата ДЕМОКРАТИ, а тоа се квалитетите кои и недостасуваат на македонската политичка елита која со децении владее во Македонија.

Македонски весникот “Илинден”: Дниве, заедно со другите кандидати за градоначалник на Охрид потпишавте Кодекс за фер и демократски избори. Сведоци сме дека досега многупати се потпишуваат вакви Кодекси, но изборите во државава често се злоупотребуваат. Верувате ли во тоа дека сите потписници на Кодексот ќе се придржуваат до напишаното?

Г-дин Стевче Стевоски: Двете најголеми политички партии ВМРО ДПМНЕ и СДСМ се единствените партии во Македонија кои се причината за потпишувањето на Кодекс за фер избори, бидејќи тие две партии кои континуирано своите партиски ги ставаат пред државните интереси. Сведоци сме секојдневно на нивниот некултурен и нецивилизациски однос кон гласачите, со секојдневни притисоци небаре навидум обична посета на нивните домови треба да претставува наивно предупредување до гласачите дека тие се партиите кои имаат контрола врз нив, нивните семејства и иднина.

Македонски весникот “Илинден”: Многу често туристите и туристичките агенции се жалаат дека немаат каде да паркираат во близина на центарот на Охрид. Има ли можност да се реши овој проблем со отворање на времено паркирање на автобуси и автомобили на пристаништето на Охрид, со ограничено траење од 10-15 минути?

Г-дин Стевче Стевоски: Се согласувам дека досегашната охридската локална власт не успеа да го реши овој горлив проблем. Прифаќам дека паркинг – службата треба на влез на Охрид да врши прифакање на автобусите, нивно спроведување до бараната дестинација, како и воведување на времено паркирање на бараниот простор во непосредна близина на пристаништето. Секако, тоа е еден од сегментите кои значително ќе ја подобрат комуникацијата на туристите со културните споменици во Охрид. За тоа разговаравме со професионалците кои се одговорни за сообраќајните проблеми во градот, а во соработка со нив веќе имаме оформено решение кое ќе го реализираме во најбрз можен рок, доколку граѓаните на Охрид ни ја дадат својата доверба.

Македонски весникот “Илинден”: Во контекст на претходното прашање, дали планирате да се направат официјални паркинзи за автобусите кои сега ги гледаме на многу локации низ градот?

Г-дин Стевче Стевоски: Нема модерен и развоен туризам ако Општината не го организира приемот и,спроведувањето на доаѓање, паркирање и безбедно испраќање на туристите со нивните автобуси или ПМВ. Значи, овде само ќе кажам дека тоа е веќе предвидено во нашата програма.

Македонски весникот “Илинден”: Со оглед на се поголемиот интерес за заштита на животната средина, но и интересот на туристите за велосипедизам, дали планирате да направите велосипедска патека крај Охридското Езеро?

Г-дин Стевче Стевоски: Јас како кандидат на овие избори во својата програма зацртав изградба на велосипедско – пешачка патека со јавно осветлување и тоалети на патниот правец Охрид – Св Наум. Одговорот е да.

Македонски весникот “Илинден”: Туризмот е основна стопанска гранка во охридскиот крај, па би било интересно за нашите читатели да ни кажете дали и кои се вашите планови за Охрид како туристички центар во текот на целата година, а не само во летните месеци?

Г-дин Стевче Стевоски: Како што кажав и на почетокот, оваа намера е водилка во мојата кандидатура за градоначалник на Огрид. Имено, во Охрид треба да се зголемат угостителските капацитети, додека државата треба да ги намали даноците за вонсезонскиот период со поголеми поволности субвенционирани од државата и Општината. Решенија има многу, а дел од нив изнесовме и во нашата програма која ја ставивме на увид на жителите на Општина Охрид. Многу сум задоволен што во комуникација со граѓаните овие наши решенија се искрено прифатени.

Македонски весникот “Илинден”: Ние, како туристи при посетата на Охрид, забележуваме дека покрај Езерото има многу кафеани и ресторани во кои туристите уживаат во природните убавини на Охрид и Охридското Езеро. Но, паѓа во очи шаренилото на тендите со што градот добива изглед на разгледница, а не на осмислена целина. Дали планирате унифицирање на тендите во стилот на охридската традиција за да се добие слика на среден урабан простор?

Г-дин Стевче Стевоски: Точно таа состојба го нагрдува градот и угостителските објекти, а согласно Законот за угостителско-туристичка дејност постојат можности да се унифицираат тендите и сл. Секако, планираме тоа да биде едно сериозно осмислено решение со кое ќе се потенцира автентичната архитектура на Охрид.

Македонски весникот “Илинден”: Градот обилува со природни убавини и историски споменици. Но, проблем за туристите претставува немањето на јавни тоалети. Со оглед на малата инвестиција, а големиот ефект од подвижните тоалети, има ли начин да се реши овој, навидум незначаен, но многу битен елемент за туристите кои го посетуваат Охрид?

Г-дин Стевче Стевоски: Потребата од јавни тоалети е неминовна за подобар развој на туризмот во Охрид. Според досегашната пракса на општинските власти се тежнееше ова прашање се регулира преку тендери и приватни фирми. Но, мој став е дека јавните подвижни тоалети треба да бидат во надлежност на Јавното комунално претпријатие од причина што така ќе имаме поголема контрола на хигиената во нив.

Македонски весникот “Илинден”: Повторно, како туристи, многу пречат кучињата скитници кои ги има низ градот. Имате ли во план да изградите некое собиралиште за кучињата скитници со што би се намалило чувството на страв и нелагодност на туристите при престојот во градот?

Г-дин Стевче Стевоски: Кучињата се проблем на сите поголеми урбани заедници. Сепак, според мене, мора да покажеме и хуманост кон животните. Во разговорите со познавачи на оваа проблематика и решенијата на проблемот, имаме намера да ги следиме европските и светските искуства за овој урбан проблем. Недвојбено е дека кучињата кои се заболени и опасни по безбедноста на граѓаните ќе бидат отстранети од градските улици и сместени во стационари.

Македонски весникот “Илинден”: Како и во секој град, така и во Охрид, забележливо е присуството на отпадоци во секој дел од градот. Како планирате да го разрешите проблемот со се поголемиот отпад низ градот?

Г-дин Стевче Стевоски: За разрешување на проблемите со комуналните проблеми – отпадот низ градот, проблемот со дивеење на урбаната мафија, сообракајни проблеми во јавниот и такси превозот, како други проблеми кои се во надлежност на општинските структури, се јавува потреба од реорганизација на инспекциските служби со оформување на општинска локална полиција со работно време од 24 часа во 365 дена во годината.

Македонски весникот “Илинден”: Г-дин Стевоски, што е она што вас ве прави поинаков кандидат за градоначалник од другите кандидати, а што би сакале да им го пренесете на вашите гласачи?

Г-дин Стевче Стевоски: Мојот збор даден на граѓаните се почитување на Уставот и Законите, а чувар на мојот збор е зборот на Господ и никој друг.

Македонски весникот “Илинден”: Г-дин Стевоски, вам и на партијата ДЕМОКРАТИ, ви посакуваме многу среќа на претстојните избори за градоначалник во Охрид и се надеваме дека народот ќе ве препознае како сериозен и чесен кандидат кој го заслужува нивниот глас.

Г-дин Стевче Стевоски: Ви благодарам за добрите желби и за соработката.

Advertisement