Ексклузивно интервју за Македонски весникот “Илинден”: Проф.д-р Гордана Силјановска – Давкова кандидат за претседател на Република Македонија

Македонски весникот “Илинден”:  Проф.д-р Гордана Силјановска – Давкова, ве молиме дадете кратка биографија за вас да се запознает читателите.

Проф.д-р Гордана Силјановска – Давкова: Партијата ВМРО-ДПМНЕ е добро позната во јавноста и мислам дека нема потреба од нејзино претставување. Всушност, јас не сум соодветниот соговорник да зборувам за партијата, бидејќи на Конвенцијата за избор на претседателски кандидат се пријавив како надпартиски кандидат. Бев поттикната од група професори и јавни личности со различни политички убедувања. Тие во мене видоа личност која има знаење и капацитет за обединување, а партијата покажа дека е отворена и за вакви потенцијални кандидати. Конвенцијата помина во најдобар можен ред, сите кандидати добија еднаков третман да се претстават, а сето тоа се одвиваше пред камерите, па граѓаните можеа да ја следат селекцијата. Почестена сум што бев поддржана од убедливото мнозинство на делегатите на ВМРО-ДПМНЕ да бидам кандидат, но намерата ми е и да ја добијам и поддршката на граѓаните со собирање потписи, што ќе ми го зголеми легитимитетот. За себе лично можам да го кажам она што јавноста одамна го знае: професор сум по уставно право и изборни системи, во два мандата бев член на Венецијанската комисија на Советот на Европа, членувам во бројни научни и меѓународни асоцијации, мајка сум на две возрасни деца и сопруга. Од политичкиот ангажман треба да споменам дека две години бев министер без ресор од Либералната партија во владата на Црвенковски (1992-94), по што сосема се повлеков во научната сфера. И тогаш и денес сметам дека во политиката мора да преовлада принципот на владеење на правото. Во таа смисла, јавно сум се ангажирала секогаш кога сум сметала дека треба да се чуе гласот на експертската јавност и кога владата (која и да била) заслужувала критика. Бев на пример дел од професорски пленум против еден лош закон за образование. Кога се вметна политика и започна Шарената револуција се повлеков. Но бев и против територијалната поделба од 2004, Договорот од Преспа, незаконското носење на Закон за јациците итн.

Македонски весникот “Илинден”: Владите на Македонија ги прифати ултиматумот на Грција и го смени вековното уствано имее на татковината Македонија, кој е вашиот став?

Проф.д-р Гордана Силјановска – Давкова: Мојот став против Преспанскиот договор го искажував индивидуално, или со колегите од Македонија и од светот, ни бројните иницијативи и отворени писма со кои се обидовме да влијаеме и на домашната и на меѓународната јавност. Како професор, не можев да молчам пред флагрантното кршење на уставот, законите, па и деловникот на Собранието, низ текот на целата постапка. Сето тоа е документирано, а имам и подолга анализа на Преспанскиот договор на македонски и англиски јазик. Бев активен член и поддржувач на Движењето Бојкотирам пред 30 септември, и тоа го сметам за јасен и недвосмислен став на македонскиот електорат дека е против наметнато име, кое не се користи само во меѓународна, туку и во внатрешна комуникација. Ова е нова национална траума за сите нас, и веќе реков дека на овој начин ги изневеривме илинденските и асномските идеали на нашите предци. Во рамките на уставните овластувања, доколку станам претседател на Републиката ќе се обидам да го држам прашањето отворено во комукација со меѓународната заедница. Ќе го преиспитам Преспанскиот договор (ништо не е вечно, па ни тој), и за тоа ќе ја барам помошта од сите домашни и странски авторитети во областа на уставното право и меѓународното јавно право. Но, ценам дека е погрешен (иако го разбирам како до некаде природен) оној емоционален набој со кој одредени луѓе сметаат дека изборите треба да се бојкотираат, а дека за мене е контрадикторно да се борам за да бидам прв претседател на Северна Македонија. Битката мора да почне од институциите, а претседателската е важна токму за меѓународната комуникација и дипломатија. Само со претседател и влада кои се јасно на линии да си го вратиме вековното име може да успееме.

Македонски весникот “Илинден”: Како ја гледате ситуација во Македонија?

Проф.д-р Гордана Силјановска – Давкова: Ситуацијата е толку сложена, што човек не знае од каде да почне со критичката анализа. Актуелната власт ги доведе до апсурд сите досегашни слабости на владеењето во Република Македонија. Уставот е девалвиран, законите не се почитуваат, владее дискриминација по политичка основа, политичката корупција и непотизмот цветаат, а економијата пропаѓа. Хибриден режим сме, помеѓу демократија и авторитаризам. Верувајте, сосема сум свесна дека стапувам на политичката сцена во една речиси безнадежна ситуација, без оглед на владината пропаганда за успех на патот кон НАТО. За мала држава како нашата, вистинска цел се стандардите на Европската унија (без оглед на сите нејзини несовршености и слабости), но тие стандарди не можеме да ги увеземе, туку мораме сами да ги поставиме. Ќе се залагам за правото и правда во Македонија!

Весникот “Илинден”: Како ги проценувате правата на Макеоднците во Албанија, Бугарија, Грција, Србија, Косово и кој е вашиот ставот, и дали е време во вашиот иден кабинет да има советник за Македонско национално малциство во сосеството и Диспора?

Проф.д-р Гордана Силјановска – Давкова: Позицијата на македонското национално малцинство во соседните држави отсекогаш била тешка, и за тоа зборуваат бројни извештаи на специјалните тела и известувачи на ООН, но и пресудите на Европскиот суд за човекови права. Вистина е дека македонската држава, обземена со сопствените драми и слабости, досега покажа слаб капацитет да се заложи за Македонците надвор од земјата. За жал, најголемиот удар е откажувањето од постоењето на македонското малцинство во Бугарија и Грција, и тоа подигнато на степен на уставна норма. Тоа е спротивно на сите меѓународни конвенции, но оваа влада потклекна и го прифати дури и тоа, претставувајќи ја денешната македонска држава како вештачка творба и единствена балканска држава (наводно) без малсинство во соседните држави. Активностите на претседателот на Републиката можат да помогнат во оваа насока, но нужно ќе биде и владата, која има свој удел во водењето на надворешната и регионалната политика, да биде подеднакво вклучена. Еден советник би бил корисен соработник, но нам ни треба државна стратегија и политика на овој план, а јас имам намера да го отворам ова прашање.

Македонски вестник “Илинден”: Проф.д-р Гордана Силјановска – Давкова, Ви благодарам за интервјуто, Ви посакувам успех во изборот за претседател на Република Македонија

Проф.д-р Гордана Силјановска – Давкова: Благодарам и на вас.

 

Македонски весник „Илинден“                                                                                                                     

Главен и одговорен уредник: Никола Ѓурѓај