Ексклузивно интервју за македонскиот весник „Илинден“ со господин Халит Хабип Оглу, претседател на Федерацијата на Западно – Тракиски Турци во Европа и потпретседател на ФУЕН

Македонски весник „Илинден“: Господин Халит Хабип Оглу, ве молам претставете се на нашите читатели.

Роден сум во Грција во 1965 година како дете од семејство кое потекнува од турската заедница во Западна Тракија. Израснав во Герамнија каде моето семејство емигрираше кога бев мал, поради лошата политичка и економска состојба на Западна Тракија. Женет сум со три деца, а по професија сум архитект. Активен сум во граѓанскиот сектор веќе скоро 30 години, а од 1995 година сум претседател на Федерацијата на Западно – Тракиски Турци во Европа (АБТТФ), функција која што се уште ја обавувам. Преку Федералната унија на европските национални заедници (ФУЕН) со години работиме на ширење на информациите за дискриминацијата и кршењето на правата на турската заедница во Западна Тракија низ меѓународната јавност. По приемот во ФУЕН во 2007 година, за првпат бев избран во президиумот на ФУЕН во 2013 година, потоа повторно во 2016 година и по трет пат во 2019 година. Како потпретседател на ФУЕН задолжен за меѓународни организации и организациите – членки на ФУЕН, бев иницијатор за создавањето на работната ТАГ група за турските малцинства и заедници во ФУЕН.

Македонски весник „Илинден“: На нашите итатели секако ќе им биде интересно да го опишете историјатот на Турците во Западна Тракија.

Како резултат на репресивните и заканувачки политики на Грција, кои беа насочени против турската заедница во Западна Тракија во 1960-ите години, и се засилија во 1970-ите години, дојде до масовно исселување од регионот. Политиките кои Турција ги насочуваше против турската заедница во Западна Грција беа во формата на „препотување“ и „присилна емиграција“.  Во овие општествени, политички, културолошки и економски услови, мнозинството Западно – Тракиски Турци беа принудени да се исселат од земјата во која беа родени и израснале, и да заминат во Турција, додека пак значителен дел од нас емигриравме во европските земји, особено во Германија. Така и почна организирањето на Турците од Западна Тракија во Германија, во здруженија кои беа формирани во градовите каде што емигрираа Турците од Западна Тракија. Решивме дека е потребна организација која ќе ги обедини сите наши здруженија која ќе ги претстави нашите аргументи на меѓународно ниво, имајќи предвид дека грчките власти негираат дека турската заедница во Западна Тракија е „турска“. За таа цел, на 28 февруари 1988 година во Германија беше формирана федерацијата АБТТФ. Денес имаме над 30.000 членови преку 25 здруженија, и сме водечкиот глас на Турите од Западна Тракија на меѓународно ниво. Имаме седиште во Германија, како и претставништво во Брисел, при што ги застапуваме нашите интереси и права пред Советот на Европа, Обединетите Нации, ОБСЕ, Европската Унија и соработуваме со невладини организации кои се активни на меѓународно ниво. Активно работиме на ова прашање повеќе од 30 години.

Македонски весник „Илинден“: Кои се водечките проблеми со кои се соочуваат малцинствата во балканските земји?

Како резултат на Француската Револуција, која доведе до подем на националните идеи, и на Балканските Војни, низ регионот беа исцртани граници. Во Првата Светска Војна, која следеше по Балканските Војни, многу крв се пролеа на Балканскиот Фронт. Во периодот меѓу војните и по Втората Светска Војна се создаде Социјалистичка Југославија. Проблемите беа замрзнати долг период во текот на Студената Војна, но потоа повторно се разгорија со распадот на Советскиот Сојуз. Ова доведе до многу страдање низ Балканот, и се пролеа многу крв. Стотина години, поради етничките тензии и конфликти на Балканот, главен приоритет беше да се зачуваат мирот и стабилноста. Демократијата доцна се воспостави во регионот: дури во 2000-ите години. И додека демократијата немаше можност да се развива, актуелните проблеми на Балканот останаа до денешен ден. Долготрајниот спор меѓу Македонија и мојата земја, Грција, беше разрешен дури неодамна. Сите држави на Балканот, вклучително и поранешните југословенски републики, се сложени од гледна точка на нивниот етнички состав. Една третина од населението на Србија не се Срби. Освен во нивната матична држава Хрватска, Хрватите се најмногубројни во Босна и Херцеговина. Покрај Македонците, најголема етничка група во Македонија се Албанците, а има и Турци и други малцински групи кои живеат во земјата. Во Косово, Македонија и Босна и Херцеговина, малцинствата се сметаат за составен елемент на државата. Но не може да се каже истото за Албанија, Србија и Хрватска. Малцинствата, особено Турците, немаат признат статус на малцинство во Бугарија. Во Грција, Турците од Западна Тракија не се нарекуваат Турци туку муслиманско малцинство, а Македонците, Власите и Чамите не се признати. Со ваква мултиетничка географија, во секоја држава имаме многу малцинства. Како резултат на ова, ниту една држава на Балканот не и верува на другата, а има сомнеж и кон малцинствата во секоја држава. Оттаму, главен проблем станува недостигот на доверба. Довербата може да се воспостави меѓу државите и меѓу владите и малцинствата во државата. Од гледна точка на малцинствата, владата, државата се тие кои треба да изградат доверба. А за ова потребно е да има рамноправно ниво на дијалог. Не смее да се спроведуваат политики кои им се наметнуваат на малцинствата.

Македонски весник „Илинден“: Грција и Бугарија со години го негираат постоењето на малцинства во нивните земји, вклучително и македонското малцинство. Дали Федералната унија на европските национални заедници (ФУЕН) планира да интервенира во заштита на малцинствата во Бугарија и Грција, кои двете се членки на ЕУ, и каде малцинствата треба да бидат законски признати и прифатени, со што ќе се испочитуваат основните човекови права во согласност со европските законски стандарди за малцинствата?

ФУЕН цели кон создавање на механизми и алатки за заштита на националните и јазични малцинства на ниво на Европската Унија преку Европската Граѓанска Иницијатива наречена „малцински заштитен пакет“. Преку овој пакет малцинствата ќе бидат заштитени на ниво на ЕУ и ќе можат да опстојат, да го зачуваат својот идентитет и култура и ќе имаат програми и алатки за пристап со кои ќе се спротистават на асимилирањето. Во 2018 година, во едногодишен процес, низ Европа беа собрани 1.215.789 потписи. Понатаму, од голема важност е да се каже дека има и членови на Европскиот Парламент кои работат на спроведување на овој пакет во ЕУ. Претседателот на ФУЕН Лорант Винче, кој е член на Демократскиот Сојуз на Унгарците во Романија (кој е дел од ФУЕН) беше избран за пратеник во 2019 година. Како ФУЕН ние работиме со сите наши сили на спроведување на одредбите за кои се залагаме во законодавните тела на ЕУ.

Македонски весник „Илинден“: На кој начин сметате дека македонското малцинство во Албанија ќе може да го крене своето прашање на меѓународно ниво, преку Федералната унија на европските национални заедници (ФУЕН), за да го привлече вниманието на меѓународните организации кои се активни на прашањата на малцински и човекови права?

ФУЕН е најголемата чадор – организација која ги обединува националните малцинства кои живеат во Европа. Нејзиното основање потекнува од формирањето на Советот на Европа во 1949 година, кој во 2019 година ја одбележа својата 70 годишнина. ФУЕН е големо семејство. Како претставник на ова семејство, знам дека ФУЕН работи на создавање заштитни механизми кои ги покриваат сите национални малцинства во Европа. Во исто време посветување сериозно внимание на проблемите со кои се соочуваат нашите членки и ги изнесуваме нашите ставови за настаните кои се случуваат преку соопштенија и низ медиумите. Преку нашите проекти, организираме активности со кои се промовира стабиност и дијалог низ Балканот и Кавказот, и им овозможуваме на сите малцинства од овие региони да бидат слушнати и застапувани. Резолуциите кои членките ги доставуваат на нашите конгреси се препраќаат до релевантните влади и меѓународни организации, со што се пренесуваат барањата на малцинствата. Во рамките на ФУЕН, ние ги обучуваме невладините организации во разни области, под паролата „Изгради се себеси!“ со цел да се подобрат капацитетите на малцинствата. Дополнително, во рамките на работните групи во ФУЕН нашите членки имаат можност да воспостават поблиска соработка со други организации кои се соочени со слични прашања. Солидарноста е од највисока важност во ФУЕН. Секоја малцинска организација има искуство во различна област и е подготвена да го сподели со другите малцински организации кои имаат потреба од тоа. На пример, многу наши организации имаат искуство со лобирање, а други организации имаат потреба од повеќе искуство на тој план. Секако ќе им помогнеме во тоа ако побараат. На некој начин ФУЕН е центар за соработка и солидарност во кој се бришат географските граници.

Македонски весник „Илинден“: Која е вашата порака за малцинствата на Балканот и во Европа?

Мојата порака до малцинствата на Балканот е дека „не е доволно да сте во право, неопходно е да се борите за да ги заштитите своите права, а тоа е можно единствено преку единство и солидарност“. Што се однесува до малцинствата во Европа, неопходно е да ја поделиме европската географија на север и на југ. Малцинствата кои живеат на северот на Европа одамна излегоа од војните, имаат широк дијапазон на малцински права и живеат во земји кои се веќе зрели демократии. Но, тоа не важи и за југот на Европа. На Балканот, во многу земји, малцинските права се уште се сметаат за забранета тема. Многу од земјите имаат помалку созреана демократија отколку на северот, правата на малцинствата се ограничени и механизмите за дијалог се или проблематизирани или не постојат. Во овие околности, малцинствата кои се понапреднати помагаат преку ФУЕН да се споделат нивните искуства, приказни и моделите кои ги изградиле во сопствените држави на малцинствата кои не се иста положба. Ова е одлична можност да учиме едни од други и да стекнеме искуство. ФУЕН е важна платформа и треба да се искористат можностите кои таа ги нуди. Без двоумење би ви препорачал да ја искористите.

Македонски весник „Илинден“: Во име на Македонците од Албанија, ви благодарам за разговорот, за вашата соработка и ви посакувам личен и професионален успех.

 

Македонски весник „Илинден“

Главен уредник: Никола Ѓурѓај

Advertisement