Ексклузивно интервју за весникот “Илинден”: г-дин Јорго Огненовски претседател на политичката партија „Демократи“

 

 

Македонски весник “Илинден”: Пред се, би сакала да ви го честитам формирањето на политичката партија „Демократи“ и вашиот избор за нејзин претседател. Г-дине Огненовски, зошто се одлучивте за формирање на нова политичка партија во Република Македонија, и зошто токму сега?

Јорго Огненовски: Се заблагодарувам за честитките. Одговорот на прашањето зошто се решивме да основаме нова политичка парија во Република Македонија е едноставно. Видовме што и се случува на македонската држава во последниве 27 години, сфативме дека ако сакаме да се избориме за правна држава нам местото не ни е во ниту една од двете најголеми партии, а уште помалку во другите политички субјекти во државава. Сакајќи да практикуваме една поинаква политика од досегашнава, му се обративме на народот со барање да не поддржи во намерата и благодарение на потписите на 1300 граѓани, денес ја имаме политичката партија „Демократи“. А прашањето зошто токму сега, одговорот го содржи во претходната реченица. Имено, нашиот апел до граѓаните на државава за да не поддржат во намерата беше чуен и испочитуван во многу кус рок, што не изненади дури и нас како организатори на таа активност. После тоа следуваа други законски обврски кои требаше да се испочитуваат, а тоа значеше дека „токму сега“ не прашува за време, едноставно мора да се заврши за се да биде согласно законските прописи на Република Македонија.

Македонски весник “Илинден”: Можете ли да ни откриете дел од вашите заложби за промени во Република Македонија, со оглед на фактот што рековте дека не се наоѓате во досегашното делување на политичките партии на македонската политичка сцена? Дали ќе клоните кон левицата или десницата во Македонија?

Јорго Огненовски: Нашата основна заложба е да го вратиме граѓанинот во центарот на збиднувањата во државата. Имено, преголемата исполитизираност во државава внесе многу аномалии во општеството. Доколку почнеме од фактот дека за универзалното човеково право на работа и заработка во Македонија треба да имате партиска книшка, што да говориме натаму. Со ваквиот досегашен пристап од Македонија, можеби ќе звучи грубо, но ќе го кажам со вистинските зборови, се истераа илјадници млади квалификувани кадри. Некои од нив јавно проговорија дека не сакале да ја трпат квазихиерархијата во македонските работни организации и институции. Зарем тоа не е погубно за една држава? Јас мислам дека е, а особено ми е драго што имам соработници кои, исто така, оваа аномалија во државава ја сметаа за погубна и мора да се исправи. Ќе прашате како, а јас ќе ви одговорам лесно. Првиот чекор треба да биде намалување на бројот на пратеници во Собранието на РМ, а потоа и намалување на бројот на вработените во администрацијата и нивно трансферирање во реалниот сектор. Цениме, дека со домаќинско работење во секоја сфера, онака како што е запишано во Програмата и другите документи на Партијата „Демократи“ може драстично да се промени кон подобро секојдневниот живот во државава. Според досегашните реакции од граѓаните со кои сме комуницирале, нивната заинтересираност за нашите планови, сметаме дека имаме шанса да покажеме дека не требаат Програми во многу чекори, туку многу чекори за остварување на корисна Програма.

Македонски весник “Илинден”: Господине Огненовски, сите сме сфесни дека Референдумот во Република Македонија е најважниот настан во државава, а според бројните странски гости кои дниве не посетуваат, би рекле дека Референдумот е главна тема и во меѓународните политички кругови. Како политичката партија гледа на овој Референдум?

Јорго Огненовски: Знаете, сега ќе говориме за завршена работа. Но, јас не сум поборник на мислата дека некои прашања не заслужуваат одговор. Напротив, секое прашање заслужува темелен, издржан и искрен одговор. Референдумот пред нас има генеза која не е за потценување, а за која многу малку се говори во Македонија, а почнува далеку во 19. век. Тогаш, српската и грчката дипломатија соочени со скорешното пропаѓање на Османлиската империја, а сакајќи да парираат на плановите на големите европски сили во однос на Балканот, водат преговори за заедничко разграничување во македонските територии. Од сите долгогодишни преговарања и исцртувања на карти јасно било дека ниту денешниот јужен, ниту денешниот северен сосед не помислувале да се согласат со постоење на македонска држава. Тоа што се случило во Букурешт на 10 август 1913 година е само потврда на фактот дека ниту балканските, ниту големите држави не биле подготвени да го изгубат вложеното во зголемувањето на сопствените интересни сфери за сметка на распаднатата Османлиска империја. Во оваа прилика на Грција и беше доделен значаен процент од македонската територија, а историјата на населението кое било многу различно и по јазик и по култура и по чувства од Елините на грчките територии е позната, но не и призната. И да дојдеме до сржта на проблемот. Согласно своите децениски намери за непризнавање на постоењето на македонскиот народ и држава, грчката политичка елита наметна спор во однос на името на државата, кој досега не е виден во светски рамки. За жал, македонските политички елити ја прифатија присилата на Грција така што процесот на преговарање започна во 1995 година. Посведочивме непотребни, долги и исцрпувачки преговари со јужниот сосед Република Грција за промена на името на нашата држава Република Македонија, преговори кои продолжија со другите владеачки структури до ден денес.

Сакам да нагласам, дека секоја власт треба да го послуша гласот на народот, а во овој случај за преговорите со Грција, сите македонски политички елити требаше да го имаат предвид референдум од 8 септември 1991 година. На тој референдум народот  јасно и недвосмислено се изрази за името на држава кое беше утврдено како Македонија. Исто така, требаше да го имаат предвид и тогашното изјаснување, кое беше 97% ЗА поставеното референдумско прашање од излезените повеќе од 75% од населението во Македонија. За жал, со самиот процес на прифаќање на преговори за промена на името со Република Грција се ставивме во подредена положба и дозволивме грубо мешање во внатрешните работи на нашата држава. Уште пострашно  е што сите владеачки структури кои учестуваа во преговорите за промена на името ја ставија Македонија во срамна позиција и кон сите пријатели кои досега ја беа признале Република Македонија под уставното име. И меѓународната јавност добро знае дека името на државата Република Македонија апсолутно се разликува од името на грчката провинција Македонија. Во однос на ваквите преговори на сите претходни влади, како Партија сме на мислење дека е направена недозволива грешка со несогледливи последици по македонскиот народ и држава ставајќи го името Република Македонија како заложник на едно ирационално барање на јужниот сосед. Ние, како Партија, тоа не би го сториле имајќи предвид дека како демократи го почитуваме веќе еднаш даденото мислење на народот, за тоа, државата да го носи името Македонија.

Преговарањето за името со Грција сите овие години е само груба манипулација на сите владеачки структури со народот на Македонија со цел да се отргне вниманието на народот од погубната домашна политика која беше водена и која доведе до катастрофална политичка, економска или општа криза на државата. На 15.09. 2018 год. на меѓународниот ден на демократијата, го одржавме првиот состанок на Централниот и Извршниот комитет на партијата „Демократи“ и секако разговаравме и за ова прашање. Беа искажани различни ставови во духот на демократијата, но преовлада мислењето дека референдумот не смее да биде консултатитен туку обврзувачки референдум од причина што за него се вложуваат народни пари и народната волја треба да биде испочитувана. Впрочем, рефередумот е единствена форма на непосредна демократија, каде граѓанинот-гласачот има право непосредно да одлучува за или против одредено прашање од интерес за Македонија и народот. Секоја одлука донесена на референдумот на кој директно ќе се произнесе народот има поголема правна сила од било кој друг вид на одлучување од страна на политички орган во конкретниот случај Собранието на Република Македонија. Во однос на посетата на меѓународните претставници кои во периодот ја посетуваат Република Македонија ќе кажам дека секој пријател е добредојден, но и тоа дека во се треба да се има мерка, па и во гостопримство.

Македонски весник “Илинден”: Дали можете да ни кажете каков е вашиот став и ставот на Партијата во однос на Референдумот?

Јорго Огненовски: Во приликава, морам да напомнам дека како нов политички субјект на политичката сцена партијата „ДЕМОКРАТИ“ не учествувала во сите предходни постапувања кои доведоа до спроведување на овој референдум. Од друга страна, како Партија која го носи името „Демократи“ јасно е го почитува сечие мислење и дека граѓанинот треба да одлучи каде ја гледа својата иднина. Но, ќе кажам и тоа дека ги осудуваме сите влијанија на политичките партии, а со цел да му сугерираат на народот како да одлучи на овој референдум. Длабоко сум убеден дека народот е мудар и на овој референдум ќе донесе правилна и вистинска одлука, која ние како партија „Демократи“ ќе ја подржиме и најостро ќе го осудиме секое поинакво одлучување од страна на власта во Република Македонија.

Македонски весник “Илинден”: Долги години живеевте во Соединетите американски држави, а пред некоја година се вративте во Македонија. Зошто се решивте на ваков чекор?

Јорго Огненовски: Да, триесет години живеев во САД, имав свои фирми и заработував солидно. Последниве години почесто доаѓав во Македонија, и најчесто во мојот роден град Битола. Сосотојбата која ја гледав овде беше страшно поразувачка така што првично се заинтересирав за подобрување на состојбата во Битола. Се обидов како независен кандидат за градоначалник да го видам интересот на народот за промени на катастрофалната положба во која живее, ама народот поддршката ја довери на друг кандидат. Така, пасијата за средување на аномалиите во македонското општество ми станаа предизвик. Еве, моментално најзабележителна аномалија е медиумското присуство на Собранието на Република Македонија и на политичките партии, со плаќање со народни пари, на кампања за Референдумот, со која се моделира мислењето на граѓаните на Република Македонија наметнувајќи ги нивните ставови. Се разбира, и тој предизвик можеше да има неуспешен крај доколку не соберевме 1000 потписи за формирање на Партијата. Тогаш, сигурно ќе сфатев дека на народот му е добро во немаштија, затвореност и крајна корумпираност на општеството. Но, за наша среќа, верувам и за подобро утре на граѓаните, бев демантиран.

Македонски весник “Илинден”:  За крај, што би им порачале на граѓаните на Република Македонија?

Јорго Огненовски: Би се заблагодарил за нивната досегашна поддршка, би побарал чесно и достоинствено заедно да си го вратиме достоинствениот живот во државава, да не дозволуваат туѓи влијание врз нивното одлучување поткрепени со лажни ветувања и за крај, да проценат дали лани или годинава имаат подобар живот од пред 3-5 години. Доколку сакаат да бидат дел од нашата партија „Демократи“ да се информираат на нашата ФБ-страна, наскоро и на нашата web-страна. Секако и преку лична комуникација со членовите и симпатизерите на политичката партија „Демократи“.

Advertisement