Ексклузивно: Македонија на географски карти во картографската збирка на Националната библиотека на Албанија во Тирана

Македонија како земја со исклучително богато културно и историско минато претставува крстопат на различни култури и цивилизации и секогаш била интересна тема на картографите.

Со својата географска местоположба Македонија отсекогаш била во самиот епицентар на настаните и таа била претставувана во најраните географски карти кои претежно имаат географско-историски карактер, а помалку политички. Повеќето стари карти на Македонија се изработени за академски и универзитетски потреби и нивната реализација е на највисоко ниво за тогаш можните картографски вештини.

Со оваа објава ги поттикнуваме македонските академски граѓани, младите научници и студенти како и сите поединци кои се интересираат за историјата на Македонија да ја користат картографската збирка на Националната библиотека на Албанија во Тирана која конечно дигитализира голем број ракописи, ретки книги и географски карти од својата богата збирка и оваа година овозможи непречен пристап до овој архивски фонд.

Во прилогот подолу одбравме три карти на Македонија печатени во различни периоди кои се надеваме ќе го привлечат вашето внимание и интерес.

1.Наслов на картата:

лат. Macedonia Alexandri M[agni]. Patria Illustris[simi].

мак. Македонија татковината на Александар Велики со илустрации

Оваа карта е испечатена (во техника гравура на хартија, обоена и илустрирана) во 1650 година во Амстердам (Холандија) од германскиот математичар и картограф Јоханес Вилхелм Лауренберг (1590-1658).  Издавачот не е познат. Картата е со димензии 59,5 x 43 cm и се чува под следната сигнатура: Albh 2 B 29

2.Наслов на картата:

лат. La Macedonia

мак. Македонија

Оваа карта е испечатена (во техника гравура на хартија) во 1689 година во Рим (Италија) од издавачот Џовани Ѓакомо де Роси, а автор е познатиот италијанскиот картограф Џакомо Кантели.  Картата е со димензии 62×48 cm и се чува под следната сигнатура: Albh 2 А 29

3.Наслов на картата:

лат. Regnum Alexandri Magni regis Macedonum et eius expeditionum cursus …

мак. Правецот на движење на експедицијата на Александар Велики, кралот на Македонците …

Картата е во литографска техника гравура на хартија (втисок од врежана челична плоча и обоена) и печатена е во 1849 година во Нирнберг (Баварија) и истата е дело на познатиот германски историчар, класичен филолог и специјалист за латинска епиграфика проф. Карл Готлиб Цумпт (1792-1849). Издавач е Фридрих Вивег & Синот од Брауншвајг. Картата е со димензии 48х25,5см и се чува под следната сигнатура: Albh 2 A 31

https://bibliotekadigjitale.bksh.al/iiif/?c=collections!harta

Advertisement