Германија за годинава планира рекордно задолжување

Германија ќе позајми рекордни 217,8 милијарди евра оваа година за финансирање на мерките за намалување на последиците од корона кризата, според новиот ребаланс на буџетот, усвоен денеска од парламентот.

Владата ќе ги искористи парите за финансирање на мерките за поддршка на потрошувачите и на компаниите во наредните месеци за да го поддржи очекуваното постепено закрепнување на економијата од корона кризата. Пакетот мерки вклучува плаќање бенефиции за работници со скратено работно време, намалена стапка на данок на додадена вредност (ДДВ) и субвенција од 300 евра по дете.

За малите и средни претпријатија издвоени се дополнителни 25 милијарди евра, чии приходи нагло паднаа за време на пандемијата. Со донесувањето на дополнителниот буџет, долгот изразен како удел во БДП ќе надмине 75 проценти и на тој начин ќе биде далеку над плафонот на ЕУ од 60 проценти.

Дополнителниот буџет се заснова на нова проценка која покажува дека даночните приходи треба да бидат 40,5 милијарди евра помалку оваа година отколку што покажале пресметките на почетокот на годината. Првиот додаток на буџетот, вреден 156 милијарди евра, го одобри парламентот во втората половина на март за да го надомести падот на приходите од данок и да обезбеди пари за првиот пакет мерки за помош при корона кризата.

Advertisement