Грчки професор тврди: Ако пропадне Договорот, Грција ќе мора да прифати двојно име

Ако Преспанскиот договор пропадне, Грција ќе биде под жесток притисок да прифати решавање на проблемот со името преку двојната формула. Познатиот грчки интелектуалец, професор на универзитетот во Атина и на престижниот Принстон, Андонис Лиакос тврди дека со договорот од Нивици грчката држава го достигнала врвот на своите дипломатски можности, но истовремено докрај ја искористила толеранцијата на Меѓународната заедница.

-Ако македонскиот парламент сепак не прифати да ги изгласа уставните промени со кои се менува името на државата, Грција ќе биде таа која ќе мора попушти и да прифати прием на Македонија во ЕУ и НАТО под уставното име. Доколку Преспанскиот договор биде отфрлен, ќе следи огромен притисок за Македонија да биде примена во евроатлантските институции под уставното име, со двојно име за Грција. И онаа Влада која во тој момент ќе биде на чело на Грција ќе се најде во пеколна состојба – смета Лиакос.

Професорот Лиакос објаснува дека секоја земја има право на самоопределување вклучително и правото на избор на име и идентитет по своја желба. А зборувајќи за националните интереси на Грција потенцира дека името на Македонија воопшто не треба да биде приоритет на Атина, туку нејзина цел мора исклучиво да бидат мирот и стабилноста на Балканот како гаранција за грчката безбедност! Грција мора да ја прифати двојната формула – тврди Лиакос.

Според него, без европската перспектива, ќе продолжи да се зголемува нестабилноста на Балкан. Обединувањето на Албанија и Косово сериозно се разговара во албанските кругови. Во таа смисла потребно е да се има јасна слика на можните ризици за мирот на Балканот и македонското прашање мора да биде врзано со целокупниот развој на настаните на Балканскиот полуостров – објаснува грчкиот аналитичар.

Advertisement