Интервју на Јорго Огненовски претседател на политичката партија Демократи за Македонскиот весник „Илинден“

Македонски весник „Илинден“: Господине  Огненовски, претходниве години разговаравме на актуелни теми за тоа време. Но, кога денес ги читаме вашите тогашни интервјуа гледаме дека многу од нештата за кои сте говореле тогаш се еднакво актуелни и денес. Дали тоа значи дека состојбите во Македонија не се поместени на подобро од пред година-две?

Г-дин Јорго Огненовски: Со жалење ќе констатирам дека состојбите во Македонија не се исто лоши како пред две години, туку се уште полоши. Објаснувањето е дека во претходните интервјуа разговаравме за една актуелна состојба која претходно ја именував како протерување на младите едуцирани кадри од државава, а денес таа состојба е доведена до стадиум на геноцид. Македонија ја коси бела смрт, но актуелните владеачки партии тоа ги интересира само декларативно. И не само тоа, ниту едена тема во државата за владеачките партии нема никаква важност освен начините за манипулирање со граѓаните и добивање на нивните гласови на претстојните избори. Моментално се сосредоточени на нивната борба за продолжување на нивниот опстанок на власт, а за да добијат повеќе гласови ги користат најниските форми на заплашување и заканување на вработените не само во администрацијата, туку и во приватните фирми. И натаму, во Македонија за остварување на универзалното човеково право на работа и заработка треба да имате партиска книшка, а при тоа не е важно да бидете квалитетен кадар.

Македонски весник „Илинден“Велите дека моментално владеачките политички партии и нивните коалициони партии максимално се концентрирани на претстојните предвремени парламентарни избори. Спомнувате манипулации на владеачките партии со граѓаните на Македонија. Нели мислите дека тоа е сериозно обвинување?

Г-дин Јорго Огненовски: Би било сериозно обвинување доколку не би било вистина. Вака јас само ја кажувам со вистинска терминологија состојбата која ни е секојдневие. Мојот став е дека имаме работа со добро организирани меѓупартиски врски кои треба да овозможат секој од секоја од поголемите партии и нивните приврзоци, да биде задоволен и подмирен. После премолченото и лесно голтнатото заминување на Никола Груевски од Македонија, ваквата моја констатација ја доби потврдата и во амнестирањата на еномрмните криминали на останатите членови на ДПМНЕ, како и на членовите на ДУИ. Како најсвеж пример ќе ја наведам лицемерната игра која ја приредија владеачките партии и нивните коалициони партии во Собранието во врска со промената на Изборниот законик за една изборна единица. Повеќе од тривијално беше објаснувањето на владеачките партии од пред два месеца дека нема време за донесување на никаква измена, но затоа пак одлично го изиграа народот со итно префрлање на општините Дебар и Маврово-Ростуше кои се селат од шестата во петтата изборна единица, во само неколку дни. Дури и би си дозволил гласно да мислам дека е содружнички искреирана и смената на привремениот министер за труд и социјална политика од ДПМНЕ. Режијата и во овој случај ја припишувам на спрегата СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ на кои им требаше тема за дезориенирање на народот. Таа дезориентација, пак, им овозможи итно да си ги донесат законите со кои ќе ја сменат изборната мапа на Македонија и спорниот за многумина, Закон за ЈО. Тоа не се сериозни обвинувања од моја страна, туку сериозни кривични дела од нивна страна.

Македонски весник „Илинден“: Нашите читатели, многу често се обраќаат со барање при интервјуирањето на нашите гости, да ги прашаме и за нивниот став во однос на додавката во името на македонската држава. Кој е ставот на политичката партија ДЕМОКРАТИ во однос на т.н. Преспански договор односно промената на името на државата?

Г-дин Јорго Огненовски: Политичката партија ДЕМОКРАТИ и по ова прашање е изненадена од потребата да се изманипулира македонското гласачко тело со небулози од страна на ДПМНЕ дека доколку добијат 81 пратеник ќе ја избришат додавката во името на државата. Секако, вашите читатели се сеќаваат дека т.н. Преспански договор, беше потпишан од Владата на чело со СДСМ, иако не беше најавуван во партиската предизборна програма на СДСМ. Договорот го оценивме како манипулантски потег кој беше знак на немоќ на Владата предводена од СДСМ. Особено што преку референдумот, одржан по тој повод, Договорот не беше прифатлив ниту за мнозинството на македонските граѓани кои гласаа. Но, непобитен е фактот дека во македонското Собрание за ратификување на т.н. Преспански договор гласаа и осуммина пратеници од ДПМНЕ. Тие, за својата еднократна улога беа амнестирани од криминалите со кои и нанеле нанадоместлива штета на државата. На тој начин, директно и СДСМ и ДУИ, заедно со политичките приврзоци, учествуваа во гласањето за ратификување на т.н. Преспанскиот договор. ДЕМОКРАТИ во неколку наврати изјавуваат дека т.н. Преспанскиот договор, како меѓународен документ е реалност во меѓународната позиција на македонската држава. За неговото опстојување или ревидирање или отфрлање во иднина ќе треба да се спроведе референдум чии што резултати ќе бидат основа за секој следен чекор во однос на овој Договор. Секако, ваквите наши проекции се засновани на анализите на правниот тим на ДЕМОКРАТИ и мислењата кои ги добивме од правници по меѓународно право, а чија експертиза е почитувана и користена од меѓународни институции. Особено што анализата на т.н. Преспански договор што ја добивме од нашите правни советници не се совпаѓа со досегашните постапки и тврдења на власта во заминување. Напомнувам дека т.н. Преспански договор често се користи како мамка во предизборниот период. Политичката партија ДЕМОКРАТИ смета дека непристојно е да се измамува македонскиот граѓанин со нереални проекции кои не зависат од една партија, само за да се привлечат повеќе гласачи за претстојните избори. Ниту една партија не ги претставува  сите граѓани на нашата држава и нема право во име на сите нас да си лечи интимни комплекси.

Македонски весник „Илинден“: Господине Огненовски, нели сметате дека ратификувањето за пристап кон НАТО ќе им донесе значајни поени на СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ во Македонија на претстојните избори?

Г-дин Јорго Огненовски: Како човек кој долги години живеел и работел во Соединетите американски држави многу убаво ја знам и почитувам работата на НАТО. Секако, и ние како партија свесни сме за придобивките од пристапувањето на земјава кон НАТО алијансата. Но, морам да кажам дека и оваа постапка, како и секоја до сега на меѓународен план, парламентарните партии ја избламираа и понижија. Секако, со цел да имаат барем некаква придобивка на своја страна од менувањето на името на државата и да го покријат фијаското со недобивањето на датум за преговори со ЕУ, им остана набрзина и без комплетна документација од членките на НАТО за наш пристап кон Алијансата,  непотребно да се оскрнави нашата ратификација. Според нашите информации, и со овој чин станавме единствена држава во светот која си го ратификувала присуството во некоја меѓународна организација пред сите членки на организацијата позитивно да се изјаснат за нашето пристапување. Но, кога една Влада нема ништо позитивно да им понуди на граѓаните, мора да им продава предвремени „успеси“. Гласовите на ДПМНЕ за оваа ратификација му донесоа многу минуси на патриотското крило во таа партија која нели, ќе го враќа името на државата. Но, народот треба да се замајува со приказни, па ја измислија приказната со смената на министерот за труд и социјална политика од страна на ДПМНЕ, па направија приказна за ликот и делото на една личност и благодарение на ботовите од сите партии, ја доведоа до степен на светост. Секако, досега владеачките партии во Македонија и натаму сметаат дека народот сака леб и игри, па тоа и му се дава. Сакам да верувам дека македонските граѓани нема да наседнуваат на „непријателските“ искри меѓу СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ бидејќи проѕирноста на нивните „антагонизми“ е наподнослива.

Македонски весник „Илинден“: Во една објава на ДЕМОКРАТИ говоревте за важноста на пописот во Македонија наведувајќи неколку точки. Меѓу другото, посочивте дека „…немањето сериозни и веродостојни податоци за бројноста на населението на актуелната власт и овозможува да бара и добива кредити од странски банки и фондови врз база на нереални цифри. На тој начин, доколку одобрувањето на кредитот зависи од податоците од 2002 година, тогаш странските банки и фондови одобруваат средства во висина доволна за задоволување на потребите за опсег на население со бројност од 2002 година“. Може ли подетално за оваа точка?

Г-дин Јорго Огненовски: Кредиторите, пред да одобрат некое барање за кредит се интересираат за кредитоспособноста на клиентот. Кажано на практичен начин тоа би значело вака: Одите во банка да земете кредит и таму доставувате документација за висина на плата за да одредат колкав дел од платата можете да користите за отплата на кредитот, но и каматата на кредитот.  Во рамките на една држава секоја личност има своја важност за кредитоспособноста на државата, а колку повеќе жители има државата толку поголем е кредитот кој се одобрува. Така, кредиторите одредуваат дали, колку и кому ќе одобрат кредит. Во случајот со Македонија, Владата на кредиторите им сервира лажни податоци за бројноста на населението од 2002 година, а врз основа на тоа добива кредити многу повисоки од оние за кои е кредитоспособна. Но, бидејќи кредитите и каматите долгорочно ги плаќа народот, на владеачките фигури не им е важно што една личност во Македонија ја товарат со кредити и камати за тројца.

Македонски весник „Илинден“: Значи ли тоа дека и европските држави помагаат во оптоварувањето на македонските граѓани?

Г-дин Јорго Огненовски: Анализите на нашите економисти се многу песимистички, а доколку и после 12 април 2020 година останат на власт досегашните уништувачи на македонската економија, тогаш би влегле во категоријата економска апокалипса. Моето мислење би го објаснил со спортска терминологија. Доколку една меѓународна асоцијација за одреден спорт од европските  држави сака да ѝ помогне на мала држава да извади врвен спортист, испраќаат специјалист-тренер од тој спорт и од неговата работа очекуваат задоволителни резултати. Доколку нема резултати, врвните луѓе во асоцијацијата од европските држави го менуваат тренерот. Така е и со политиката.  Верувам дека некој ден од Европа ќе добиеме добар тренер, ќе си ги завршиме домашните задачи и ќе освоиме место во ЕУ.

Македонски весник „Илинден“: Дали има нешто што би сакале да им го кажете на нашите читатели, а не ве прашавме?

Г-дин Јорго Огненовски: На македонските граѓани би импорачал да ги погледнат податоците на Светска банка за тоа дека Македонија е најсиромашната држава на Балканот и Европа. Тоа се коси со манипулациите кои им се сервираат од СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ дека во Македонија се живее во идила. Можеби челниците на овие партии и нивните политички приврзоци живеат во луксуз, но грото граѓани се на работ на опстанокот. Затоа, би им порачал на 12 април 2020 година да го покажат своето достоинство и со глас против оние кои го довеле до животното дно, да ги казнат за сиромаштијата во која им минува декојневието. Гласот за партијата СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ е глас за продолжување на сопствената агонија. Политичката партија ДЕМОКРАТИ е создадена од народот и работи за народот, а со помош на народот Македонија мора да се врати на сопствениот колосек од кој со децении е исфрлена.

Македонски весник „Илинден“

Advertisement