Интервју со Јорго Огненовски претседател на партијата ДЕМОКРАТИ за избори промени една изборна единица со отворени кандидатски листи за пратеници

Господине Огненовски зошто сметате дека е потребно промена на сегашниот изборен модел, а за кое нешто од основање на политичката партија ДЕМОКРАТИ до денес гласно говорите и се залагате?

ДЕМОКРАТИ како политичка партија се основаа и се силно мотивирани за многу промени, бидејќи евидентно е дека од осамостојувањето на Македонија, сите политички партии кои ја практицираа власта, водеа погубни политики во секоја област на живеењето на народот и функционирањето на државата. Видно, овој лош амбиент е креиран од сите кои се одзиваа на позивот политичар овие 28 години. Гледајќи ги заложбите на политичарите во современите држави, на кои им е чест и задоволство да работат за подобрување на животот на граѓаните, развојот на економијата, функционирањето на сите области во државата, кај нас ситуацијата е обратно поставена. Политичарите работат за свои лични интереси, а тоа е загрижувачки и погубно. Го уништија економски народот, го доведоа во состојба на страв и стрес како да опстане и обезбеди егзистенција, како да ги оствари своите права, потреби, ја уништија економијата, ги уништија сите области на општественото живеење, наместо правна создадоа неправна држава, која со децении ја тресат скандали и афери, во најголем дел поврзани со злоупотреба на државните финансии и финансиите на народот.

За сето ова, од сите досегашни практизери на власта, ниту имало политичка воља да се запрат и разветлат овие злоупотреби, ниту пак сега има. Сведоци сме дека само се одолговлекуваат постапките, главните актери се прикриваат, се прават секакви обиди да се премолчи и прикрие секоја злоупотреба. За сметка на енормните богатења на политичарите и нивните блиски заслужни фирми и поединци, народот од ден на ден е се посиромашен, а идните генерации се задолжуваат со кредити се повеќе и повеќе. Овие погубни политики се производ на сегашниот изборниот модел кој е така поставен и креиран, власта во Македонија да ја имаат само трите поголеми партии (СДСМ, ДПМНЕ, ДУИ) и нивните четириесетина коалициони партнери кои за ситни привилегии ги аминуваат нивните погубни политики.

Кој изборен модел сметате дека ќе стави крај на оваа состојба или истата ќе ја подобри?

Наместо сегашниот пропорционален модел потребно е да се постави  мнозински модел, понатаму наместо затворени листи за кандидати за пратеници потребно е да се воведат отворени листи, како и една изборна единица наместо сегашните 6 изборни единци и 3 како што дефинира законот во дијаспората. Со мнозинскиот модел ќе се овозможи да бидат избрани пратеници од кандидатите кои добиле најголем број на гласови од избирачите без разлика од која политичка партија поднела кандидатски листи.  Отворените листи за кандидати за пратеници ќе овозможат граѓанинот како избирач да го даде својот глас за оној кандидат за кој смета дека најдобро ќе го застапува во Собранието, а не за кандидатот како што беше до сега кој е погоре на затворените  листи, кои личности се или беа миленици или блиски до лидерите на наведените партии. Вака ќе се постави граѓански модел на избирање и поставување на вистинска парламентарна демократија, ќе се гласа за силни поединци кои се кандидати за пратеници, ќе се напушти системот на гласање за бројки и партии. Воедно, партиите кои по сегашната реторика ги нарекуваме помали ќе имаат поголема можност самостојно да имаа свои пратеници во Собранието, без да влегуваат во коалиции со таканаречените големи парии кои ги креираа овие законски изборни можности.

Велите Една изборна единица наместо 6 изборни, дали сметате дека македонските државјани кои живеат во други држави треба да го изгубат правото на глас?

Напротив, македонските државјани кои живеат во други држави треба да го задржат правото на глас. Ние предлагаме начинот на нивното гласање да се поедностави. За Дипломатко конзуларните претставништва да се постави систем на проверка и на прибирање на  документи за тоа колку македонските државјани кои не се откажале или не им е одземено државјанството живеат во другите држави и врз основа на државјанството да имаат право на глас. Ние одиме и чекор понатаму, ова право да се даде и на македонските државјани кои се родени во други држави. Предлагаме да се напушти сегашниот систем на гласање со патна исправа за македонските државјани во дијаспората, иако не сакам да го користам зборот дијаспора од причина што и јас живеев повеќе од 30 годин во Америка. Овој збор некако не оддалечува од нашата матичната држава Македонија и ни дава чувство дека како наша држава ги кине релациите со иселените. Сметаме терминолошки подобро звучи и дава право на припадност, ако се користи македонски државјани кои живеат во други држави, наместо дијаспора.

Кои други промени сметате дека треба да се направат за да се подобри изборниот модел?

Потребно е да се воведе задолжително гласање на секој државјанин кој наполнил 18 години. Вака ќе се овозможи поголем цензус, кој видно од последните неколку спроведени циклуси на избори се намалува или одвај се обезбедува. Така ќе се зголеми легитимитетот на избраните пратеници и ќе се поттикне свесноста кај граѓаните за избор на свои пратеници. Составот на Државната изборна комисија треба да е професионален, бирани по јасно определени критериуми и да нема претставници на моменталната позиција и опозиција на политичките партии. Во општинските изборни комисии и избирачките одбори да се исклучи можноста член да биде лице по предлог на политичка партија, а овие комисии да бидат составени само од вработени во јавната администрација. Со професионални комисии за спроведување на избори, ќе има поголема објективност на изборите, ќе се отстрани можноста за меѓусебно договарање и делување во комисиите, со што нема да се влијае на изборните резултати. Со професионален состав на избирачките одбори ќе се исклучи можноста на партиските претставници да делуваат на избирачите при нивното непосредно гласање, ќе се исклучат неправилностите и несоодветните појави кои се случуваа на предходните циклуси на избори на одредени избирачки места. Предизборните коалиции да не можат да се менуваат и преструктуираат. Да се ограничи можноста пратеник кој е на кандидатска листа на една политичка партија или предизборна коалиција, после верификацијата на мандатот да премине во друга политичка партија или се самопрогласи за независен. Ова ќе овозможи непречено функционирање на Собранието, правилно носење на законите и другите акти и одлуки од негова надлежност кои имаат исклучително значење за граѓаните и државата, ќе се исклучи можноста за влијание од позиција на власт и политичка моќ во самото Собрание.

Медиумското претставување да биде еднакво за сите политички партии, да се укинување платеното медиуско претставување од политичките партии кои имаат финансиски средства, или за платеното политичко претставување да се доделат еднакви средства на сите политички партии кои поднеле кандидатски листи од Буџетот на државата. Досегашната пракса покажа дека во изборните кампањи можност за платено медиумско претставување за време на изборниот процес  имаат само политичките партии кои располагаат со големи финансиски средства и со истото се влијае на одлуката на избор и се оневозможува фер политички натпревар. Останатите политички партии кои немаат финансиски средства за платено медиумско претставување немаат можност целосно и до крај да ги запознаат граѓаните со своите изборни програми и политиките за кои ќе се залагаат, доколку имаат кандидати за пратеници.

Испитување на јавното мислење да биде поинаку регулирано, не со наведување на имиња и презимиња на кандидати и политички партии, вака ќе се избегне влијанието врз избирачите, кое е  тајно и непосредно, а не како испитаниците однапред да го обелоденат својот избор. Со јавно објавување на испитувањето на јавното мислење се врши влијание врз избирачите. Испитување на јавното мислење вршено по барање на политичките партии треба да служи за интерни анализи за време на изборната кампања, а при тоа и од самите политички партии да не биде јавно објавувано. Испитувањето на јавно мислење не треба да се врши како досега во смисла на тоа кој за која политичка партија би го дал својот глас. Треба да се употребува терминологија, „позиција, опозиција, вонпарламентарни партии, определени, неопределени“ и слично. Така слушателите или читателите на медиумите кои се избирачи нема да бидат наведувани за кого да гласаат. На ист начин треба да постапуваат и овластените агенции кои вршат испитување на јавното мислење.

Избирачките места да се реорганизираат по општини со посоодветен распоред на улици во населените места, со што ќе се одбегне влијание врз граѓаните во однос на нивното слободно изјаснување. Моментално утврдените избирачки места функционираат долги години и во истите евидентно е политичкото влијание врз избирачите, нешто што го сведочиме од многуте прекршувања на изборните процеси во предходниот период. Со различна реорганизација на избирачките места  од сегашната, одредени улици или делови од населени места наместо како досега, да преминат во околните избирачки места со што ќе се оневозможи влијанието и  делувањето во негативна конотација на партиските активисти и избрани функционери во институциите врз  избирачите, кои живеат во овие избирачки места. Сметаме дека сето ова ќе биде вистинска реформа на изборите, додека она што деновите го слушаме една изборна единица со затворени листи во пропорционален модел нема во доволна мера да отстапи од сегашната регулатива.

Дали сметате дека финансирањето е уредено правилно и дали нуди можност за еднакво претставување и функционирање на политичките партии?

Надоместокот на трошоци за изборна кампања, покрај политичките партии или коалициите од кои се избрани пратеници, треба да го остварат и политичките партии од кои не се избрани пратеници бидејќи средствата за оваа намена се средства на сите граѓани на државата, а не само на гласачите на парламентарните партии. Со добивање на овој надоместок само за партиите кои имаат свои пратеници, а по даден глас, се ставаат во повластена состојба за свое натамошно фукционирање. Сметаме дека  овој надоместок согласно гласовите кои ги добиле, треба да го остварат сите политичките партии без разлика дали имаат или немаат свој пратеник во Собранието.

Доделувањето на финансиските средства од Буџетот да се преуреди на начин што секоја регистрирана партија ќе добие еднакви финансиски средства за финасирање и делување, средствата од Буџетот за финансирање на партиите да се намалат и да се воведе модел на финансирање кој ќе овозможи функцонирање на сите партии а не само на овие кои добиле најголем број пратеници да добијат милионски суми. Исто така финансиските средства од Буџетот потребно е да бидат намалени за половина од сегашните, бидејќи ние сме сиромашна држава, која нема развиена економија,а секоја година троши огромни средства за политички кампањи кои ништо ново не нудат.

Што сметате за потребно да кажете по ваше видување во ова интервју?

Го повикувам народот дека е дојдено крајно време за опстанок, кој може да го имаме ако престанеме да веруваме дека на изборите, власта треба да ја добијат само  оние кои досега ја имале. Конечно дојде време за напуштање на црно белиот избор. На политичката сцена во државата постои ДЕМОКРАТИ, политичка партија со силни поединци кои никогаш нема да отстапат од она за што се залагаат, почнувајќи од програмските цели кои ги има партија и се она што е кажано во сите изјави дадени досега. Заслужуваме подобар и достоинствен живот како граѓани, заслужуваме држава уредена по светските сдандарди. Затоа ги повикувам сите граѓани кои се пронаоѓаат во нашите цели и активности да ни се приклучат во политичката битка за подобра иднина на сите.

Ви благодарам за можноста која ми ја дадовте за ова интервју и Ви посакувам успешна работа.

Advertisement