Исламска држава со новa заканa кон Балканот

Терористичката организација „Исламска држава“ се закани со нови напади на Балканот и порача дека иако се преокупирани со други работи, сепак не ги заборавиле страдањата на муслиманите во овој регион, пренесуваат сараевските медиуми.  Тие како непријатели, пред се ги  посочуваат Србите и Хрватите и потенцираа  дека терористичките напади ширум светот треба да се сфатат како опомена за она што може да ги „снајде“ земјите на Балканот.

Според Обединети нации, иако во последниве 16 месеци е намален бројот на заканувачки пораки кои исламистите ги споделуваат преку социјалните мрежи, сепак и понатаму постои потенцијална опасност од можни нови терористички напади. Ваквиот заклучок на меѓународната организација се заснова на фактот дека во изминатиов период делуваа пошироко од Ирак и Сирија, пред се во западноевропските земји како Белгија, Франција, Велика Британија, Шведска и Германија.

Ова не е прв пат милитантите да го спомнуваат Балканот како територија која сакаат да ја освојат. Во видеозаписот објавен на 10 јули во 2015 година, екстремистите најавија дека откако ќе ја освојат Србија, ќе ги нападнат Хрватска, Црна Гора, БИХ, Албанија, Македонија и Косово и на тој начин исламската власт ќе ја прошират на целиот Балкан.

Според американското списание „Форбс“, Исламска држава е најбогата терористичка група во историјата, за која се проценува дека заработува и до 3 милиони долари дневно од нафта. Целта на исламистите е да создадат исламска држава на Блискиот исток, но и пошироко, со тоа што ќе ги користат нивните 80 000 борци за убивање на оние кои ги сметаат за неверници.

Advertisement