Иванов на Ручи: Очекувам подобра заштита и афирмација на Македонците во Албанија

 

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими претседателот на Собранието на Република Албанија, г. Грамоз Ручи. Претседателот Иванов и претседателот на албанското Собрание, г. Ручи разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Албанија, констатирајќи дека политичките односи бележат позитивен тренд на развој, со континуиран политички дијалог и учество во заедничките иницијативи и активности на билатерално, регионално и мултилатерално ниво.

Двајцата соговорници констатираа дека Република Македонија и Република Албанија споделуваат идентични надворешно-политички цели во контекст на европските интеграции, добрососедските односи и регионалната соработка, како клучни предуслови за стабилност и просперитет на регионот. Претседателот Иванов и претседателот на албанското Собрание, г. Ручи  се согласија дека парламентарната соработка може дополнително да се развива преку интензивирање на контактите помеѓу парламентарните тела и комисии.

На средбата беа разгледани можностите за соработка меѓу двете земји во контекст на интеграцијата во ЕУ, а од македонска страна беше изразено очекувањето за активна поддршка од Република Албанија во однос на членството во НАТО. На средбата беше истакната и потребата за заедничка посветеност за забрзување на реализацијата на тековните инфраструктурни проекти, како и унапредување на економската соработка меѓу двете земји. На средбата, македонскиот претседател изрази задоволство од усвојувањето на Законот за малцинства од страна на Парламентот на Република Албанија и изрази очекување дека истиот ќе придонесе за подобра заштита и афирмација на културните и јазичните идентитетски одлики на етничките Македонци во Албанија.