Кога зборовите се немоќни

 

Во животот сум запознала илјадници луѓе. Илјадници карактери, размислувања, ставови. И научив едно. Најголемо богатство се луѓето со кои можете да дискутирате за различни теми иако за некои имате дијаметрално спротивставени ставови, а дебатата се базира на аргументи и изградени мислења. Тоа се луѓе кои не ви контрираат затоа што имаат чувство на „пониска вредност“, туку луѓе од кои со смиреност и доблестност,  учите. Тоа не се оние сувопарни научни дебати, туку најскапи „приказни“ од животот поткрепени со лично искуство, со љубоморно чувана на семејна докумантација и непроценлива документација од пребогат Архив на некоја држава. При таквите средби, повторно ви одѕвонува народната: „Човек учи додека е жив“.

Еден таков мој, неформален, учител беше и Павли Никола.

Со него се запознав во Тирана, пред петнаесетина години, во време кога сакав да соберам што е можно повеќе лична архива на Македонците во Албанија која ми беше потребна за 5-те емисии за Македонците во Албанија.  Живо се сеќавам на неговото негодување за преводот кој одеше на дното на екранот, секогаш кога говореше некој Македонец од Албанија. Се објаснивме дека Македонците од Албанија говорат исклучително чист западен дијалект на македонски јазик, како оној во Галичник, Дебар и други места од тој крај. Но, според  Договорот, продуцентот и авторот беа обврзани  материјалот да го предадат стандардизиран на литературен  македонски јазик. Да, тоа беше време кога Мирче Адамчевски, како директор на Советот за радиодифузија, ги враќаше материјалите ако не беа по сите законски прописи.

Многу средби имавме во периодот кога веќе го затворав текстот за мојот труд  „Македонците во Албанија 1912-1991“. После многугодишното собирање на документација, после неброените прочитани страници од книги, статии, весници и после вадењето на камчиња од нив, за составување на мозаикот, мислев дека го гледам крајот на проектот.

Мојата идеја во Државниот архив на Република Македонија да се отвори посебно одделение за оригиналната и архивската документација која ќе сведочи за животот на Македонците во соседните држави и дијаспората, ја разглобувавме до детали. Но, сето тоа, од денешна гледна точка било илузија.  Оти никому во државава не му трбала документација за Македонците вон државава. Па ни во неа. Непотребни биле напорите на Павли и на многу други мои искрени пријатели во Тирана да собереме што е можно повеќе оригинален материјал за македонското население во Албанија.

Да се вратам на првичната мисла. Секогаш се среќавата со едно ама кое ќе ви покаже дека човекот навистина  учи додека е жив. Особено се радував на павлевите книги за неговото родно место Врница во Голо Брдо, бидејќи тие беа и останаа и за век и веков ќе сведочат за животот, за традицијата на македонското наслеение во  Голо Брдо, област во Албанија гранична со Македонија.

Средбите со Павли, во неговиот дом ги започнувме со разговорот за неговиот живот во Албанија, за потоа да стигнеме до неговата потреба сето тоа да го овековечи во три книги. За жал, едната објавена постхумно. Неговите книги и се она што ми го пренесе како факти за македонското население во Албанија имаат  неверојатна тежина. Книгте за Врница не се само  мемоари, туку ризница од информации собрани од оригинална документација која е депонирана во Централнот државен архив во Тирана. На тој начин, го отвори прозорецот кој се уште го немав отворено, а кој се однесува на историјата на Македонците во Дебарската префектура. До денес не успеав да го добијам овој фонд  за истражување, па сите информации кои ги црпам се од документите кои ги имаше и кои ги користеше Павли Никола. Секогаш има некоја друга приказна која ќе ја раскажувам друг пат, па така и за неможноста да се добие документацијата од фондот Дебарска префектура во државниот Архив во Тирана.

Сега, кога во раце ја имам последната, постхумно објавена, книга  на Павли Никола, само накусо ќе ви ја претставам. Книгата е напишана и објавена на албански јазик со цел, со нејзината содржина да се запознаат и младите Македонци во Албанија, кои немаат можност да го изучуваат македонскиот јазик. Од причина што, освен во Преспа, македонското насление не е признато како малцинство, ниту ги нема основните човекови права во Албанија за едуцирање на мајчиниот јазик. А домашната средина го пренесува македонскиот јазик во дијалектна форма. Но, тоа ни малку не ја намалува вредноста на овој труд.

Книгата, која Павли Никола ја заврши непосредно пред неговото заминување на последното патување. За печат ја подготвија неговите соработници и најблиски пријатели.  Во случајов, станува збор за Вељо Цфарку, кој воено напишал и еден текст „наместо вовед“. Книгата  има девет глави,  кои обработуваат различни теми од живото и работата на Врничани.  Во текстот се среќаваат податоци користени од бројната литература за Дебар и Дебарско, но скудна за Врница. Така, авторот од секој труд го зел најпотребното камче за да го состави неговиот мозаик.  Она што паѓа во очи, при читањето на книгата, е фактот дека во неа има драгоцени податоци за историчари, јазичари, етнолози, географи.  Во еден дел и самиот Павли Никола ќе забележи дека „ ..Селата во Голо Брдо се вистинска Мека за лингвистите, односно македонистите…. Џеврија Сулоска родена 1897 год. во Мало Острене ми вели дека ‘и баба ми и мајка ми и татко ми и дедо ми нашински збореа ете каку мие сега шо збореме“.

Во еден дел од трудот, авторот се задржал на значајни личности од македонската историја, но и на лиќности кои оставиле свој белег во животот во Албанија. Секој нивен  ангажман секогаш бил професионално извршуван, а поради тоа и биле почитувани од државните авторитети. Во овој дел има бесценет материјал, кој треба да се доистажи и дополни со податоци кои Павли Никола не беше во можност да ги дообработи.

Третата книга на Павли Никола насловена  „Врница низ вековите“ е богато илустрирана, со што текстуалниот дел е визуелно поткрепен со фото-документација. И за крај. Огрмна благодарност до Павли Никола за се што напиша и за се што ни остави во аманет. Од нас, само верување дека ќе продолжиме да го работиме она што најмногу му значеше, историјата и традициите на Македонците во Албанија. Вечна ти слава и благодарност, неформален учителе.

Advertisement