Колумна на Бил Николов: Бајден ќе ја направи америка повтрон “Нормална”

Доколку Трамп и неговите овозможувачи не го спречат, Џо Бајден ќе стане претседател и ќе ја Направи Америка Повторно Нормална – за Америка. Светот ќе продолжи да страда. Но не само поради Трамп и неговите политики туку уште повеќе опкрај нив.

Двете американски политички партии веќе со децении прават ршум на светската сцена, а Џо Бајден беше во центарот на овие настани со децении.

Веднаш да ги сосечам обидите на политичките експерти да ја претстават мојата критика за Бајден како „поддршка за другиот кандидат“. Го мразам Доналд Трамп. Неговиот расизам, сексизам, карикатуралната глупост.. да не редам. Честопати сум зборувал за тоа. Дојдете на твитер и ќе видите. Или прочитајте ги моите текстови.

Но, сега зборуваме за Демократската Партија, за Џо Бајден и неговата карикатурална глупост, кои сега делуваат скоро нормални, благодарение на Трамп.

Што ќе направи Бајден за Америка? Иронично, тој ќе ја спушти глупоста на пониско ниво. Ќе се бори против корона вирусот, наместо да се бори против тие кои го лекуваа. Ќе сработи нешто, а нема само да твита, игра голф и јаде.

Но, Бајден исто така ќе ја врати Америка „во нормала“ и нема со ништо да им помогне на милионите луѓе кои немаат здравствено осигурување, додека за милионите кои имаат, ќе ги натера и во иднина да останат зависни од приватни компании ако сакаат да бидат „здрави“ (земете го овој збор со доза на резерва). Како е можно „најголемата демократија во светот“ да нема универзална здравствена заштита за сите свои граѓани? Нормалноста на Америка и понатаму ќе значи неконтролирано полициско насилство против црнците. И масовни убиства. И така натаму..

Бајден неуморно ќе работи да продолжи американскиот империјализам, и да се шири, на сметка на остатокот на светот. А притоа, Бајден ќе тврди дека почитува вистински вредности и ќе изразува згрозеност кога истите американски тактики ќе бидат употребени од страна на нивните „надворешни непријатели“ или домашните терористи како Трамп.

Тој ќе фрла бомби и праќа дронови, ќе убива цивили, ќе етаблира диктатори и поминува терористи, ќе тероризира цивили, апси недолжни луѓе, ќе им се заканува на нивните семејства, ќе го крши меѓународното право и ќе лишува цели етнички групи од нивните основи човекови права…

Ова ме засега лично. Зборувам за мојата етничка група. Сите овие тактики се користеа и се уште се користат против Македонија и Македонците. Многу од овие тактики се користат и во други земји. Но, Демократската Партија, исто како и нивните републикански колеги, го кријат ова од американскиот народ. Ги претставуваат своите постапки како „ширење демократија низ светот“, но многу е јасно дека ова е само прикриен начин да шират тиранија, се со цел да ги реализираат нивните искривоколчени надворешно-политички цели.

Но зошто Македонија? Американските политичари би одговориле „зошто да не?“ бидејќи за нив секоја земја на светот е како неволна фигура во огромна партија Ризико.

Конкретно, Грција и Бугарија најавија дека ќе го спречат приемот на Македонија во НАТО и во ЕУ доколку земјата не си ги смени името и историјата, во согласност со нивните анти-македонски политики, чија цел е да се негира прогонот и воопшто постоењето на големото македонско малцинство во нивните граници. Да, Бугарија како сојузник на Хитлер и окупаторска сила во Македонија за време на Втората светска војна, дури бара ревизија на еврејската историја и нејзината улога во депортирањето на 7.000 Евреи во логорот на смртта Треблинка во Полска. Да, навистина.

Зошто тогаш САД, како самопрогласен „светилник на човековите права во светот“ би се согласила со политиката која води кон уништување на македонскиот етнички идентитет и кон принудна промена на македонското име? За да го прошири НАТО (и ЕУ) и да го одбрани својот златен медал на Светската империјалистичка олимпијада.

Мои американски пријатели, не му се радувајте на овој златен медал. Место тоа, обидете се да направите нешто за Америка да стане навистина нормална. Не му дозволувајте на Бајден да се однесува дволично. Барајте од него да „Биде Подобар“ и да ги исполни идеалите кои вели дека ги застапува, ако ништо друго, барем да го преземе овој слоган од Меланија Трамп, која го промовираше, за инает на нејзиниот сопруг./Бил Николов, претседател на Македонското меѓународно движење за човекови права.

Advertisement