Американска надворешна политика. Тоа се трите најужасни зборови на англискиот јазик. Настрана зборовите „убиство“, „гладување“ и „геноцид“. Американската надворешна политика обично е претходник на сите три, па да почнеме од неа.
Соединетите Американски Држави сакаат да користат слогани и фрази како „ширење демократија“, „слободољубивост“ и „одбрана на човековите права“ за да тврдат дека тие се, навистина, карактеризирани од овие зборови, но ако некој постојано користи самопофални термини кои делуваат како да не им е таму местото – и ги врти на широко и низ униформниот западен политички и медиумски спектар – тие самопофалби секако се целосни измислици. Како што се вели во класичната англиска литература, „дамата премногу протестира“.
Слично на тоа, постојано се тврди дека некоја војна била „непредизвикана“. Професионален совет: не е добро да се користат вишок зборови. Се подразбира дека војната што ја осудуваме била непредизвикана. Значи, има ли смисла бескрајно да се тврди дека војната во Украина била „непредизвикана“? Согласно професионалниот совет погоре, најголем дел од западната јавност веќе имаше длабоко всасена омраза кон Русите, како што им предвидоа САД, па така користењето таква терминологија кога се зборува за војната во Украина само буди дел од луѓето на Запад и ги тера, Боже чувај, да го користат сопствениот мозок за да го преиспитаат воениот наратив на Западот и да се прашаат дали војната навистина била „непредизвикана“.
САД исто така сакаат да користат слогани и фрази за да означат работи од кои сакаат смртно да се плашиме, и не им е грижа што овие зборови честопати се однесуваат директно на човечки суштества или земји во кои, погодувате, живеат човечки суштества (тие всушност претпочитаат да е така).
Дехуманизацијата започнува.
Кога ќе го слушнеме зборот „Иран“, Западот слуша „зло“. Се што е „државно“ (на пример „кинеската државна агенција“, о не!) е еднакво на „пропаганда контролирана од владата“. (Па зошто за западните медиуми не се се вели дека се државни?). „Хамас“ се користи колку што е можно повеќе кога се мисли на било што палестинско, па така сите зборови што следат автоматски се негативно сфатени. Изразот „здравствена агенција управувана од Хамас“, на пример, се користи за да се оттргне вниманието од десетиците илјади Палестинци (мнозинството од нив деца и жени) кои се убиени од режимите на САД и Израел. Видете што направив тука? Спомнувањето на „режим“ автоматски го прикажува како злобен, иако во овој случај не е потребно да се увеличува. Власта не би убивала деца, само режим би го направил тоа.
Ословувањето на Џо Бајден и Бенџамин Нетанјаху како „претседатели“ исто така не звучи правично (има и други начини на кои правдата може да се задоволи за овие двајца), па ајде да ги наречеме Касапот Бајден (благодарам Клер Дејли) и Касапот Биби („Биби“ е широко употребуваниот „симпатичен“ прекар на Нетанјаху). Би помислиле дека „Касапите“ нема ни да се навредат (кому му е гајле и да се навредат?) бидејќи Касапот Биби е познат по тоа што се пожали дека САД „задржуваат оружје“ (и не му помагаат доволно во неговиот геноцид врз Палестинците!). Како реагира Касапот бр. 1? Со негирање дека САД задржале оружје за Израел! Видете го коментарот за правда погоре.
Се разбира, како предвидлива нова сезона во двопартиското шоу на апсолутно морално тонење и садистичка психопатија, демократските и републиканските лидери на Конгресот на САД го поканија Касапот Биби да се обрати во американскиот Конгрес еден месец подоцна. Повторно очекувано, американскиот Конгрес го опсипа Биби со стоечки овации и го бомбардираше со аплауз.
Владата на Соединетите Американски Држави едноставно мораше да ги надмине своите канадски колеги, кои на почетокот на годината со овации поздравија еден украински нацист од Втората светска војна. Прочитајте ја мојата осуда за тоа во The Hill Times.
Но, да се вратиме на омиленото плашило на САД – Русите. (О, Боже мој, бегајте, спасете се!). Или уште подобро, испровоцирајте војна што ќе убие што е можно повеќе Руси, без оглед на тоа колку од американските украински „истомисленици и партнери“ ќе бидат масакрирани (многу повеќе од бројот на Русите).
Од 2014 година (почетокот на сегашната криза во Украина) до 2022 година (годината кога Русија изврши инвазија), западните медиуми известуваа за неконтролираниот проблем со неонацисти во Украина, вклучително и во американскиот Конгрес кој забрани продажба на оружје на неонацистичкиот баталјон Азов. Но сето тоа се заборави кратко по инвазијата за да се истакне новиот наратив одобрен од Западот, дека војната била „непредизвикана“ и дека секој што се бори против „злобните Руси“ мора да биде „благороден“ „херој“. Така, западните медиуми ги прикриваат нивните претходни репортажи (во кои имаше авторски текстови за тоа дека САД провоцираат војна и вооружуваат неонацисти во Украина) и почнаа да користат нови слогани со цел да ги префарбаат нацистите бидејќи НАТО конечно го доби она што го очекуваше – руска инвазија врз Украина.
Кој го прикрива (и вооружува и поддржува) фашизмот и нацизмот? Западот. Тие го прават тоа 80 и кусур години. И мојата етничка група, Македонците, беа една од првите жртви – всушност ние сме првата жртва на бомбардирање со напалм по Втората светска војна – и продолжуваме да бидеме жртва, со нов пресврт. Но, за една минута ќе дојдам до дехуманизација на Македонците.
Авторот на написот што го наведов погоре е Џон Пилгер, кој претрпе општа демонизација од Западот затоа што ја зборуваше вистината и пишуваше за западното поттикнување на војни. Западните сили го напаѓаат и се обидуваат да го замолчат секој што ќе се осмели да отстапи од нивниот одобрен наратив. Западните медиуми: државни и фашистички.
Иронично, и очекувано, САД и НАТО ја губат војната во Украина, а единствениот начин на кој би можеле да прогласат успех е да објават дека нивната вистинска цел била да има што е можно повеќе убиени Украинци. Боже мој, дали САД и НАТО се во кревет со Путин?! Оние на Запад кои веруваат во идиотштината на западниот медиумски дискурс би ја исркале претходната изјава со лажица.
Но, зошто ги служиме на некогаш орните Украинци како топовско месо во оваа војна предизвикана од НАТО (се разбира, освен во корист на воено-индустрискиот комплекс)? Да се обидат да го соборат Владимир Путин и да инсталираат западен марионетски режим, исто како што направија САД – и признаа дека го направиле тоа – во Украина во 2014 година. Озлогласениот воен криминалец Викторија Нуланд признава дека го сториле тоа.
Предизвикување војни, масовни убиства, санкции кои предизвикуваат глад, апсолутно кршење на основните човекови права. Како спијат ноќе? Како претседател на Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права, им го поставив ова прашање директно на бројни претставници на Стејт Департментот и на западни политичари, вклучително и министри за надворешни работи и лидери. Кукавиците, се разбира, одбија да одговорат, но веројатно си ги повторуваат западни слогани додека заспиваат наместо броење овци. Или тоа, или психопатите ги бројат мртвите цивили како што нормалните луѓе бројат овци.
Трагично, Македонците се во ситуација да го имаат искусено целото оружје во американскиот арсенал, буквално и преносно. Тепих-бомбардирањето на цивили, принудното протерување, вооружување и поддршка на неонацисти во нивната кампања да ги искоренат Македонците, ова е само дел од тоа на што бевме изложени. Но, ќе дојдам до сето тоа откако ќе го објаснам моменталната жетва на американските психопати.
Да се вратиме на Викторија Нуланд.
Нејзиниот интервенционизам нема граници. Таа беше клучна во планирањето државен удар и поставувањето на марионетски режим во Македонија и во внимателно оркестрирано последователно кршење на човековите права – сето тоа во подготовка за принудното преименување со најпогрдниот термин што Македонците некогаш го слушнале (а сме претрпеле многу). Во оптек беа пуштени мноштво термини, сите дизајнирани да го искоренат нашиот идентитет, култура и историја и да не означат како „новостворени“ – израз кој значи дека „немаш право да постоиш“.
Дехуманизацијата на Македонците се модернизираше.
Така, за време на озлогласената посета на Република Македонија во 2016 година – како подготовка за претстојната принудна промена на името наложена од САД – Нуланд одби да го користи името на Македонија, и наместо тоа, постојано зборуваше за „оваа земја“ и „Скопје“ (главниот град на Македонија). Претскажување – уште една американска употреба на класичната англиска литература да го илустрираат нивниот претстоен баражен напад врз правата на Македонците…
Повикав Нуланд да биде протерана од Македонија, и го кажав директно, а таа возврати со… понуда да организираме средба меѓу Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права и низа високи претставници на Стејт Департментот. Ние веќе со години се среќававме со високи претставници на Стејт Департментот, но бидејќи САД се приближуваа до целта во кампањата да се стави крај на Македонците, тие средби стануваа почести и на повисоко ниво. Што беше целта на САД? Да се обидат да не убедат – како најголема и највлијателна македонска организација за човекови права – да ја „поддржиме надворешната политика на САД“ (да ги искорениме Македонците), и да ја прикажеме како чекор кон „евроатлантската интеграција“. (леле, дали ќе добиеме сладолед со црешка?). Нашите цели? Да се смени американската антимакедонска политика (тешко е да се запре геноцидниот воз), да се едуцираат евентуално човечните службеници на Стејт Департментот, да се извлечат информации и детали за американските антимакедонски играчи, политики и тактики и директно и лично да се осуди мешањето на САД во Македонија. Постигнавме три од четирите цели и стекнавме искуство во директно справување со Ѓаволот и неговите садистички психопати од Стејт Департментот. (како сте на Елејн Хенсли?)
На сцената настапи Џес Бејли.
Тој е поранешниот амбасадор на САД во Македонија и протагонист на хорор шоуто што САД и го нанесуваа – и продолжуваат да го нанесуваат – на Македонија во изминатите неколку години.
Бејли е одговорен за затворањето на таткото на девојчето прикажано на оваа фотографија:
„Слобода за тато“: македонско девојче повикува на ослободување на нејзиниот татко, политички затвореник уапсен затоа што се спротивставуваше на режимот во Македонија што го поставија САД.
Бејли е одговорен и за напади на полицијата врз невини цивили, заканите кон цели семејства, местењето на изборите, полнење на гласачките кутии и масовни нерегуларности при гласањето, затворање медиуми, затворање на девет пратеници од опозицијата и обвиненија за уште повеќе од половина дузина, се со цел полесно да се протнат нелегитимни закони наложени од САД, изрекување на затворски казни за новинари, блокирање и затворање на социјални платформи за поединци и медиуми, отпуштање на илјадници Македонци од работни места во јавниот и приватниот сектор, забрана и криминализирање на употребата на терминот „Македонија“, режимски истраги и заплашување на македонски граѓани и пратеници од опозицијата, вклучително и физички напади и палење, и да, затворање на голем број Македонци и нивно подложување на одвратни затворски услови.
Што беше нивниот „злостор“? Спротивставување на американскиот интервенционизам во Македонија и на американската политика за искоренување на името, идентитетот, културата и историјата на Македонија за да се задоволат нашите угнетувачи.
И вие би се спротивставиле на американската политика.
Нападите против Македонците ширум Балканот исто така ескалираа, бидејќи „стратешките партнери“ на САД – Грција, Бугарија и Албанија ја искористија надворешната политика на САД како изговор да ги засилат своите политики на културолошки геноцид врз Македонците, политики кои се во сила уште од поделба на Македонија во 1912/13 година која ни беше наметната од Западот.
Кога САД обезличуваат некоја група, многу им е полесно да ја убедат лековерната (и глупава, мрзлива и бездушна) западна јавност да прифати кршење на човековите права против нив.
Повторно на сцена настапува поранешниот амбасадор Бејли.
Во една од неговите најозлогласени постапки – која предизвика шок низ цела Македонија – Бејли и неколку членови на режимот инсталиран од САД во Македонија, држеа пратенички од опозицијата во парламентарниот дом против нивна волја, ги уценуваа и им се закануваа со затвор ако не ги следат наредбите да се гласа за промена на името на Македонија.
Зошто?
Соединетите Американски Држави сметаа дека нивен приоритет е да го зголемат членството во НАТО по секоја цена, со цел да ја прошират својата хегемонија, па затоа застанаа на страната на Грција и нејзината кампања – јавно признаена и декларирана – за вршење на културолошки геноцид врз Македонците.
Грција најави дека ќе стави вето на кандидатурата на Македонија за членство во НАТО, кандидатура која ни беше наметната од САД, доколку нејзиното име не се смени и не се искорени се што е македонско.
Бугарија го виде „успехот“ што го постигна Грција, па затоа, во рамките на сопствената повеќегенерациска кампања за културолошки геноцид врз Македонците, и тие најавија дека ќе стават вето на кандидатурата на Македонија за членство во Европската Унија, исто така наметната од Западот, доколку не се исполнат нејзините уште повеќе антимакедонски барања.
Тие вклучуваат дополнувања на иронично наречениот „Договор за пријателство и добрососедство“, со кој се негира постоењето на Македонците во Пиринска Македонија (анектирана од Бугарија во 1913 година) и декларации дека Македонците никогаш не постоеле и дека се „навистина Бугари“. Тие, исто така, ја препишуваат македонската историја за да го избришат секое спомнување на бугарскиот прогон на Македонците, вклучително и отстранувањето на секое спомнување на сојузот на Бугарија со нацистичка Германија за време на Втората Светска Војна, окупацијата на Македонија и депортацијата на повеќе од 7.000 македонски Евреи во логорот на смртта Треблинка во Полска.
Следеше западна и еврејска осуда на менувањето на еврејската историја – но не и македонската историја. Немаше ниту обид да се сокрие лицемерието. Чиста мрзеливост…
Како резултат на антимакедонските кампањи на Грција и Бугарија, овозможени од Западот, сега постојат повеќе договори кои наведуваат како на Македонците ќе им биде „дозволено“ да се дефинираат себеси. Како што реков на панел дискусија за присилната промена на името на турскиот меѓународен информативен канал ТРТ Свет: „Постои документ од 19 страници што ми кажува кој сум. Дали ова ви изгледа нормално?“
Овој документ е, иронично, познат како „Договорот од Преспа“ (на кој ниту еден Македонец не се согласи), а Македонците со големо мнозинство го отфрлија на референдумот на 30 септември 2018 година. Во него, со членот 7(2) официјално името „Македонија“ и се предава на Грција, а целото македонско население во Егејска Македонија (припоена од Грција во 1913 година) се прогласува за непостоечко. Членот 7(3) создава сосема нов, вештачки „северномакедонски“ идентитет и го искоренува наследството, идентитетот и културата на Македонците. Членот 8(5) налага комисија од грчки дипломати да ја преработи македонската историја и македонските учебници да се напишат одново, за официјално да се отстрани секоја трага од нашето постоење.
Наивен човек би помислил дека западните лидери, кои постојано изразуваат поддршка за таканаречените „американски и европски вредности“, ќе се вмешаат и веднаш ќе ги запрат нападите врз Македонците. Според нивните „вредности“ и историски акции против разни режими низ светот, следниот чекор логично би бил да се наметнат реперкусии (конкретно, санкции) врз Грција, Бугарија и Албанија. Но, не. Западот претпочита да им помага на своите „стратешки партнери“ и да ги казнува угнетените.
Па така, со приближувањето на принудната промена на името, мноштво меѓународни интервенционисти, вклучително и еврокомесарот за соседство и преговори за проширување Јоханес Хан, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, повеќемина американски секретари за одбрана и државни секретари – и демократи и републиканци – ја посетија Македонија за да упатат бесрамни закани. Најчестата порака беше: „Променете го името или ќе видите“.
Следствено, според западните наредби, покрај референдумот, секој важечки член на македонското и меѓународното право, собранискиот деловник, уставно право, конвенција за човекови права, беа прекршени или игнорирани за со сила да се спроведе промената на името во многу навредливото име „Северна Македонија“, кое е специјално дизајнирано да се искорени етничкиот идентитет на Македонците.
Заборавете на принципот дека „молчењето е соучесништво“; во случајот на Западот, тие се отворени и горди соучесници. Западните медиуми, следејќи ги наредбите од нивните политички шефови (леви и десни), го слават уништувањето на етничкиот идентитет на Македонците и нападот врз човековите права и граѓанските слободи како „решение на дипломатски спор“.
Како перверзна варијација на темата на поддржување на нашите угнетувачи: Грција, Бугарија и Албанија, западните медиуми решија да ги поддржат нападите на македонскиот… режим и на специјалната полиција врз демонстрантите и неистомислениците.
Во еден од многуте примери, македонските цивили беа брутално напаѓани, нападите беа снимени на видео снимка, но западните медиуми, се разбира, ја претставија веста од гледната точка на полицијата. Замислете западни медиуми да ја фаворизираат иранската полиција за време на масовните протести во Иран.
Покрај тепањата, Македонците беа изложени на вести за тепањето во западните медиуми со наслови како: „Северна Македонија: 47 полицајци повредени на протести“. Како што пишував овде, замислете пијан возач да помине на црвено и удри во толпа пешаци, при што тешко ќе повреди неколкумина. Доколку ова се случеше во Македонија, насловот во западните медиуми ќе беше: „Пешаците предизвикаа сообраќајна незгода, возилото претрпе голема штета“. Неколку примери за западна антимакедонска пристрасност, меѓу страници и страници со слични содржини, може да се најдат овде, овде и овде.
Секако, беше решено да се употреби најнавредливиот можен термин за Македонците, а тоа е „Северна Македонија“ (или „Северномакедонци“), игнорирајќи го фактот дека промената на името беше незаконски и брутално наметната на Македонците со тешки последици за тие кои изразуваа несогласување, па дури и само за изразување на сопствениот македонски идентитет.
Во други протести, полицијата во Македонија и ги скрши двете нозе на портпаролка на една опозициска партија. Исто така, тие нападнаа група постари професори со шок бомби и солзавец, меѓу кои беше и иден претседателски кандидат. И двете се жени, па замислете го бесот од западните медиуми и политичари. Ќе мора да се држите само до замислување, бидејќи тие ги поддржаа полициските специјалци.
Во уште еден перверзен израз на иронија, заменик-премиерката на Канада и поранешна министерка за надворешни работи Кристиа Фриланд, доби излив на западна политичка и медиумска поддршка – според изјавите, особено затоа што е жена – затоа што беше цел на страшно злосторства на омраза (ох Боже, што се случило?)… кога некој и се развикал во лифт! Како ли само успеа да се соземе и да продолжи да овозможува воени злосторства и масовно кршење на човековите права на светската сцена останува мистерија.
И покрај тоа што е целосно свесна за сите напади врз Македонките, Кристиа Фриланд целосно ги поддржуваше агресорите.
Понатамошна дехуманизација на Македонците.
Западните политичари, исто така, ги усовршија своите лажни испади на бес и знаат да ги осудуваат ваквите незначајни и непостоечки „инциденти“, но сепак се совршено подготвени буквално да уништуваат и прекратуваат животи.
Нивните верни потчинети западните медиуми, исто така среќно се подредија и ја искористија шансата да му помогнат на угнетувачот. Politico EU го опиша говорот на бугарски политичар кој го негира етничкиот идентитет на Македонците како „многу долг и емотивен“.
Политико избра да застане на страната на озлогласениот прекршувач на човековите права Бугарија, која е осудена повеќе од десет пати од Европскиот Суд за Човекови Права, поради нејзината политика на негирање на основните права на самоопределување и самоидентификација на Македонците. А без било каква резерва или осуда, Ројтерс ја објави изјавата на бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, во која се изразува застрашувачката политика на Бугарија во однос на Македонците:
„Нашата загриженост доаѓа од бесконечните претензии за македонско малцинство во Бугарија. Признавањето на бугарските корени ќе стави крај на тоа“.
Заменете ги Македонците (нашите угнетувачи се обидуваат да го направат тоа) со некоја група одобрена од Западот и веднаш ќе слушнете гневни повици за заштита на нивните човекови права. Македонците не се бројат? Не во очите на западниот свет. Јасно е дека Македонците се потрошна роба во наводната кампања на Западот за „одбрана на човековите права и самоидентификацијата“. Овие политики ме поттикнаа да го прашам секој лидер, министер за надворешни работи, политичар, дипломат, бирократ и новинар што сум го сретнал – „Вие не би се откажале од вашиот етнички идентитет, зошто Македонците мора да се откажат?“
Западот е исто така озлогласен со своето романтизирањето на Грција и овозможувањето на нејзиниот нацистички занес за наводната (трагично смешна и одвратна) „културна чистота“ – и резултат на тоа се огромните прекршувања на човековите права врз етничките малцинства, особено Македонците. Ова го постави теренот за целосно напуштање на меѓународното право и конвенциите за човекови права во однос на името на Македонија и целосно прифаќање на грчкиот расизам. Насловите на западните медиуми објаснуваа дека Македонците не сакаат да го напуштат нашиот етнички идентитет, бидејќи „македонските националисти се противат на договорот за промена на името со Грција“. Неколку примери повторно, меѓу бесконечната понуда, може да се најдат овде, овде и овде.
Шокантна иронија е тоа што Грција и Бугарија ја присвоија историјата, културата, јазикот и идентитетот на македонската и други етнички групи кога го фалсификуваа сопствениот идентитет. Но, како што Западот ги научи своите „стратешки партнери“ – нападот е најдобрата одбрана. Тие, исто така, ги научија да ги обезличуваат угнетените додека бараат и добиваат натчовечки статус за себеси.
Друга одвратна иронија е ненадејното барање на Грција да и се додели името „Македонија“, откако со генерации Грците го негираа нејзиното постоење. По поделбата на Македонија во 1913 година меѓу Србија, Грција, Бугарија и, во 1919 година, Албанија, секоја од овие земји брутално го негираше постоењето на зборот на „М“ и се обидуваше да ја избрише секоја трага од Македонија и Македонците. Одеднаш, во 1988 година, Грција почна да тврди дека името „Македонија“ им припаѓа на нив. Грчки функционери, вклучително и поранешниот грчки премиер Константин Мицотакис, дури во 1995 година признаа дека таканаречениот „спор за името“ нема никаква врска со името на Македонија, туку е поврзан со прикривањето на грчката политика на негирање на постоењето – и културолошкиот геноцид – на големото македонско малцинство во Грција.
Ова ме натера да им поставам друго прашање за гореспоменатата кукавичка група политичари, новинари итн.: „Што би се случило ако Англичаните тврдеа дека имињата на домородните групи им припаѓаат на нив – дали тоа значи колонизацијата и брутализацијата на домородните земји и луѓе не се случила?“. Токму ова ќе ве натера Грција да верувате за Македонија и Македонците. Тие ја продаваат идејата дека, ако го поседувате името, идентитетот и историјата на угнетените, никакво угнетување не можело да се случи.
На ум ми паѓаат уште многу аналогии и за сите сум прашал повеќе политички лидери. Една од моите „омилени“ аналогии е со Франција, бидејќи француските влади традиционално се бесрамно антимакедонски и прогрчки настроени (сега и про-бугарски): Прашав што би направиле доколку Германија побара од Франција да го смени името во „Западна Франција“, да изјават дека името „Франција“ сега и припаѓа на Германија, а со името и францускиот идентитет, јазик и култура, и да не заборавиме да ја додадеме ревизијата на француската историја за да се каже дека нацистичка Германија не извршила инвазија, окупација и агресија врз Франција и дека таа била „администратор“ и „ослободител“ на Франција. Добредојдовте во светот на Македонија.
Но, чекајте! По целосното одобрување на антимакедонските барања на Бугарија од страна на Западот, аналогијата ќе мора да се смени во Франција која се нарекува „Северна Франција“, бидејќи сега Шпанија го поседува името и античката историја на Франција, додека Германија ја поседува модерната француска историја, јазик и идентитет. Па, што ќе остане од „Французите“ како што порано ги знаевме? Тие одеднаш исчезнаа и „народот од Северна Франција“ (или „Севернофранцузите“) сега имаат сосема нов идентитет и историја, но да не заборавиме дека тие се навистина Германци!
Злобната глупост на западната надворешна политика вџашува.
Ќе објаснам дополнително. Замислете следново да и се случи на некоја западна земја, а не на дехуманизираните Македонци.
Моето семејство не можеше да знае дека, набргу откако оваа фотографија беше снимена за време на Втората Светска Војна, САД и Британија ќе почнат да ги бомбардираат македонските села – во поддршка на грчкиот фашизам. Фотографијата споделена од авторот.
И покрај тоа што беа на страната на сојузниците во двете светски војни, Македонците беа цел на теророт на САД и Британија по Втората Светска Војна, бидејќи овие „светилници на демократијата“ избраа да и помогнат на Грција, на нејзините фашистички владетели, кои ги поддржуваа нацистите, и ја прифатија нејзината политика на целосно искоренување на Македонците затоа што Грција се стави на страната на надворешната политика на САД и Британија. Нацисти и геноцид не му пречат на Западот во неговите обиди за целосна светска хегемонија. САД и Британија продолжија со фрлање бомби низ целиот егејски дел на Македонија (припоен од Грција на почетокот на векот) – намерно напаѓаа цивили, и тоа со напалм бомби – и убивајќи безброј Македонци, вклучително и многу членови на моето семејство.
Оттогаш, САД го проширија својот терористички репертоар со современи методи на културолошки геноцид, иако се уште ги користеа и „класичните“ методи на инвазија, окупација и масовни убиства во многу земји (или ќе ангажираа некој помошник да ја врши валканата работа место нив). (Забелешка: тука можете да видите дека Британија почна да го слуша својот американски брат долго пред инвазијата во Ирак и дебаклот со „оружјата за масовно уништување“).
Да кажеме нешто повеќе за современите методи на Соединетите Држави: пред нападот на Џес Бејли врз Македонија, Соединетите Држави имаа огромен број други амбасадори кои ја спроведуваа обединетата демократско/републиканска антимакедонска политика (гледате, навистина постои двопартизам!)
Оваа политика вклучуваше: а) започнување граѓанска војна; б) поддршка на неонацистички албански сепаратистички групи; в) давање амнестија на овие групи и покрај тоа што беа осудени за тероризам и убиства; и г) доделување на високи владини функции – колку повеќе убиства, толку е повисока функцијата. (и Албанците уживаат натчовечки права дадени од САД). Сето ова ја постави основата за: а) принудната промена на името на Македонија; б) принудно членство на Македонија во НАТО; в) зголемен американски империјализам; и г) на крајот (евентуално во блиска иднина), уште една поделба на територијата на Македонија.
По заминувањето на Бејли од Република Македонија, САД го заменија со други садистички марионети (како сте Кејт Брнс и Анџела Агелер?), кои исто така не се срамат од нивните цели да го искоренат етничкиот идентитет на Македонците – вклучувајќи го и овозможувањето на секојдневниот антимакедонски говор на омраза и задушување на правата на Македонците од страна на режимот инсталиран од САД во Македонија и од грчките и бугарските владини функционери, и овозможување физички напади од грчката и бугарската тајна полиција и неонацистите (повторно) врз нивните големи македонски малцинствата.
Видовме што се случува со Македонците низ поделена Македонија кога се противат на американската политика. Но, што се случува со Македонците во странство?
Јас бев на мета на САД поради разоткривањето на нивната незаконска, интервенционистичка, антимакедонска политика и дејствија беа преземени против мене, вклучително и тоа што бев предмет на неколку клеветнички напади во медиумите финансирани од САД, клевети од министерот за надворешни работи на режимот поддржан од САД и на забрана за влез во Соединетите Држави според извршната наредба на Џо Бајден од 2021 година, па затоа… можете да ми честитате! Сега сум на црна листа на (најмалку) две земји! Веќе бев на црната листа на омилениот регионален криминален партнер на САД, Грција. Ако одбраната на човековите права ми носи забрани, продолжете да додавате нови земји!
Не грижете се, режимот и медиумите финансирани од САД се предмет на тужби за клевета што ги покренавме јас и Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права. Дополнително, продолжуваат нашите повеќекратни судски процеси во неколку меѓународни судови, во кои бараме правда за угнетените Македонци низ Балканот, враќање на името на Македонија и одговорност од оние (конкретно од држави и и владини претставници) кои ги прекршиле правата на Македонците, а многу од нашите судските случаи веќе се добиени на суд.
Дехуманизацијата отфрлена. Нема да дозволиме Македонците да бидат уништени од надворешната политика на САД. Нашето име е Македонија. Го враќаме назад.
Автор: Бил Николов, Претседател на Македонско меѓународно движење за човекови права
x.com/billnicholov