Колумна на Бил Николов “Синдромот на богатите Македонци”

Има еден типично македонски проблем кој непланирано придонесува кон нашата пропаст – а тоа е упорното одбивање на имотните или познатите Македонци да сторат нешто кога нацијата се соочува со опасност. Нашето име и идентитет сосила се менуваат и му се препуштаат на нашиот поробител, нашата историја се фалсификува, се за што нашите предци се бореле се брише, се за што се бришеме денес – се губи. А сепак, нема реакција од највлијателните Македонци. Зошто? Зошто само смислуваат изговори? Но, пред да се навратиме на нив, треба да ги прашаме сите Македонци кои одбиваат да застанат за одбрана на својот сопствен народ: што би рекле вашите стари?

Нема веќе пардон. Кога се работи за македонските прашања, Македонците треба да живеат секој ден поставувајќи си го ова прашање. Ако го сториме тоа, на македонските политичари нема да им текне да преговараат за нашето име и нашиот идентитет. Не би ни помислиле за грчките, бугарските и албанските барања, а не па да ги исполнуваат. Би им наредиле на САД да си ги тргнат шепите од Македонија, место да им дозволуваме да не бришат од мапата и од нашите историски учебници. Имотните и влијателните Македонци треба да бидат први во одбрана на Македонија, и да повикуваат сите други, вклучително и Западот, да ни помогнат.

Но, освен неколку исклучоци, од нив добиваме само тишина. Не гледаме никаква акција. Јас лично честопати сум слушал многу изговори од нив. И ми се смачи.

Замислете некој познат македонски спортист или јавна личност роден на Запад да дадеше изјава против изнудената промена на името? Тоа преку ноќ ќе ја фокусираше дебатата кон вистинското прашање што ни се случува – кон културолошкиот геноцид што ни се врши. Немаше веќе да се зборува за „дипломатски спор“ со западното галениче Грција. Ќе предизвикаше лавина (уште подобро ако тоа почне од македонската заедница во Канада).

За жал, се чини дека ова ќе остане само убав сон. Другите етнички заедници се бранат себеси, но познатите Македонци велат дека одбраната на македонските интереси е „премногу исполитизирано прашање“ или дека „не го познаваат проблемот доволно“. Да гледаш како се брише твојата етничка припадност е ужасно. Да гледаш како твојот идентитет им се дава на твоите угнетувачи, а за тебе се измислува нов идентитет, одобрен од нив, не е политичко „прашање“ туку е културолошки геноцид. А впрочем, и да е политичко, од кога тоа значи дека не треба да се реагира?

Да го разгледаме упорното одбивање на побогатите Македонци да придонесат финансиски за каузата. „Обичните“ Македонци досега ги слушнале сите можни изговори од нив, како на пример:

„Веќе донирам на многу хуманитарни организации“ (во превод – претпочитам да финансирам западни каузи од македонската)

„Парите ми се врзани во инвестиции“ (тешко тебе)

И, конечно, мојот омилен изговор – „ќе има потврда за данок?“

Бестрага, никогаш не сум ја сфатил таа опсесија со потврдите. Даночната потврда може да ти го намали данокот на крајот на годината, но не дека ќе ти го вратат секој долар што си го донирал. Ако заработуваш милиони долари, тогаш потврдата не ти врши работа за ништо. Притоа, ја забораваме клучната поента на дарувањето. Тоа е ДАВАЊЕТО. Не е „да дадеш за нешто да добиеш“.

Кога првпат ми беше дијагностициран рак (од трите пати) решив да почнам секој месец да донирам за онколошкиот центар Санибрук во Торонто, каде што првпат ме лекуваа. Не ми ни текна дека ќе ми дадат даночна потврда. Ми беше драго кога ја добив на крајот на годината, но тоа воопшто не влијаеше на мојата одлука да донирам. Донирав за болницата која што ми го спаси животот, а не за да добијам даночно олеснување…

Исто така донирам кон организации за заштита на уличните кучиња и мачки, за што не добивам даночни потврди, ниту пак ме интересирало да побарам. Единствено ме интересираше да им помогнам на напуштените животни.

Секако, донирам за потребите на Македонското меѓународно движење за човекови права. Не само што спроведуваме и финансираме разновидни проекти за заштита на човековите права во сите делови на поделената Македонија, туку нашите членови и лично донираат. Јас лично сум помогнал да се отвори градинка за Македонците во Корча, Албанија. Горд сум што им помагам на Македонците во Пиринска Македонија да се спротистават на притисоците од бугарските власти и да печатат весници со кои се шири вистината за Македонија. Поддржувам културни фестивали низ Егејска Македонија кои се одржуваат и покрај заканите од грчките неонацисти и грчките власти (едните се преклопуваат со другите) упатени кон Македонците.

Да ги прашаме богатите Македонци – што правите за да помогнете? Ако вашиот одговор е „ништо“ тогаш размислете што ќе им кажете на вашите деца и внуци кога ќе ве прашааат „зошто не викаат Северномакедонци од Северна Македонија?“ Кога ќе ве прашаат зошто македонските херои како Гоце Делчев сега се „бугарски“ или зошто во училиштата учат дека „Македонија е грчка“, а дека нашата историја почнува во 1991 година. Се за што се бореа нашите баби и дедовци ќе згасне. Што правите за да го спречите тоа?/ Од Бил Николов, Претседател, Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права.