Корона-кризата ја турна Германија во рецесија

Воведениот „карантин“ во средината на март предизвика БДП во првиот квартал да се намали за 2,2 проценти. Во вториот квартал се очекува уште поголем пад на економијата, зашто тогаш беа воведени најголеми рестрикции.

„Ова е најсилното назадување по глобалната финансиска и економска криза во 2008/2009 година и втор по големина пад по германското обединување”, изјави Алберт Бракман од Германската служба за статистика при денешното презентирање на првичните резултати.

Намалување бележат и извозот, приватната потрошувачка и инвестициите, додека зголемените државни издатоци и робустната градежна бранша спречија посилен пад. Но, тоа не е најлошото: за тековниот втор квартал експертите предвидуваат минус во економскиот раст од дури 18,5 проценти , највисок од постоењето на Сојузна Република Германија.

„Економските последици на пандемијата на коронавирус предизвикаа рецесија”, соопшти Министерството за економија. Во споредба со останатите големи евро-држави, назадувањето е меѓутоа помало: Франција, како втора по големина економија во еврозоната, бележи пад од 5,8 проценти, третата европска економија Италија – 4,7 проценти. Економијата во еврозоната вкупно бележи намалување за 3,8 проценти.

Тоа се должи првенствено на добриот почеток на годината – во јануари и февруари многу индикатори укажуваа на заживување на германската економија. Но, во март воведените мерки за сузбивање на коронавирусот, донесоа драстична промена: продавниците, хотелите и рестораните мораа да се затворат, фабриките престанаа со работа, откажани беа сите манифестации. „Доколку половина месец е доволен да го сомеле во прав толку добриот економски развој во првите два месеци, не треба голема фантазија за тоа колку лош ќе биде вториот квартал. Допрва ќе имаме крвав нос”, изјави експертот од тинк-тенкот ДекаБанк, Андреас Шоерле.

Иако кон крајот на годината се очекува попозитивен развој, германската влада очекува годинава да дојде до најтешката рецесија во повоениот период. БДП би требало да се намали за 6,3 проценти. Рестрикциите во земјата навистина се веќе олабавени, но голем дел од потрошувачите се воздржани при трошењето пари, што значи приватната потрошувачка и натаму отпаѓа како конјуктурен мотор. Со оглед на тоа што и другите држави стенкаат под рецесија, не може ни од надворешна трговија да се очекуваат големи импулси за извозно зависната германска економија.

Затоа експертите бараат нови мерки за помош од државата, како даночни олеснувања заради заживување на стопанството. Германскиот министер за економија Петер Алтмајер пак инсистира на економски европски заеднички пристап. „Мораме да најдеме заеднички одговор за обнова на економијата во ЕУ и за нејзино јакнење”, изјави Алтмајер.//www.dw.com/mk

Advertisement