Македонците во Косово во пресрет на предвремените парламентарни избори

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Каква е состојбата со Македонците на политичката сцена во соседно Косово? Каков е нивниот ангажман и на што може да се надеваат нашинците во пресрет на претстојните парламентарни избори, кои се закажани за 14 февруари? Имаат ли поддршка и на што се надеваат Горанците во Косово?

Македонците во Косово во пресрет на предвремените парламентарни избориКосово влегува во еден од најтурбулентните изборни циклуси досега. Меѓу другото, тоа се должи на фактот дека Уставниот суд во земјата кон крајот на минатата година донесе одлука дека тогашната влада од премиерот Авдулах Хоти е нелегитимна.

Според порталот „Газета експрес“, во овој момент во трката за парламентот во Косово влегуваат сите големи политички партии, но исходот од предвремените избори е резултатски непредвидлив и најверојатно ќе биде тесен, бидејќи нема главен претендент за нивно освојување. Во своја опсервација за случувањата во Косово за „Нова Македонија“, претставникот на македонското малцинство во Косово и Хамза Балје, заменик – министер за инфраструктура вели дека за државата, но и за Горанците, претстојните избори се навистина битни.

Тој вели дека има свој ангажман во централната изборна комисија и на тој начин придонесува за постабилно и демократско Косово. Балје истакнува дека партијата Единствена горанска партија, која ја преставува тој, има своја стратегија како ќе настапи на изборите и своја политика како да ги заштити интересите на своите гласачи.

Имено, ние се залагаме за блиска и добра соработка со Македонија, на ова поле ние имаме голем број активности. Дополнително истакнуваме дека имаме многубројна дијаспора, за која веруваме дека ќе помогне во нашите напори да обезбедиме што е можно подобар резултат за нашите преставници и истовремено преку медиумите во Македонија ги повикуваме од дијаспората да гласаат во Косово – вели Бале.

Тој објаснува дека политичката партија, освен што ги заштитува интересите на Горанците, се залага и за почитување на човечкото достоинство, без оглед на неговата верска и етничка припадност, формирање самостојна општина Гора, со административен центар во Драгаш, бесплатна здравствена заштита и образование за сите граѓани на Косово, економски развој на областа, искористување на природните богатства и намалување на невработеноста.

Според него, на изборната листа на Единствена горанска партија се 16 кандидати, признаени и вредни личности во своите области на дејствување, а неа ја предводи Адем Хоџа, дипломиран инженер, кој беше пратеник во двата претходни состави на косовскиот парламент.

Во контекст на актуелните случувања, за обележување се информациите што на оваа тема пристигнуваат од македонските здруженија во Албанија. Имено, преставниците на македонското друштво „Илинден-Тирана“ велат дека тие ги поддржуваат сонародниците од соседно Косово и во исто време друштвото ги повикува Македонците и другите жители од областа Гора масовно да излезат на избори и да го дадат својот глас за кандидатската листа на оваа партија, со што ќе обезбедат свој пратеник во новиот косовски законодавен дом.

Ја имате таа можност и среќа да гласате за Единствена горанска партија, која настапува со своја кандидатска листа, партија што се залага за вашите права и се бори да се зачуваат корените, јазикот и идентитетот. Им посакуваме успеси на Единствена горанска партија и на лидерот на партијата Адем Хоџа за сите напори што ги прават за областа Гора – велат од МД „Илинден-Тирана“./Александар Србиновски /www.novamakedonija.com.mk

Advertisement