Македонците во областа Гора со нов пат Драгаш-Рестелица и до границата со Македонија (ФОТО)

По иницијатива на партијата „Единствена горанска партија“ деновиве забрзано се одвиваат градежните работи за изградба на патната инфраструктура во областа Гора на Косово. Владата на Косово го продолжува проектот за изградба на патот Жур-Драгаш, Рестелица-Стрезимир кон Македонија и Драгаш-Брод.

Заедно со пратеникот во Косовскиот Парламент, Адем Хоџа, претседател на партијата „Единствена горанска партија“, обиколка на градежните работи извршија министерот на Косово за инфраструктура Арбан Абраши, шефот на кабинетот на МВР Бајрам Гецај и претседателот на општина Драгаш, Шабан Шабани.

Во делегацијата на партијата „Единствена горанска партија“ заедно со пратеникот Адем Хоџа беа заменикот на министерот за инфраструктура Хамза Баља, советничката во Министерството за инфраструктура Алмира Бајрами и советникот во Министерството за економија и амбиент Енес Горан.

Подобрувањето на патната инфраструктруа е од посебно значење за развојот на областа Гора, тоа ќе придонесе за унапредување на туризмот, земјоделството и економијата. Дадените ветувања ги исполнуваме, – со задоволство изјави претседателот на партијата „Единствена горанска партија“ и пратеник во Косовскиот Парламент Адем Хоџа.

Средствата за преостанатите 1,2 километри пат, ќе бидат обезбедени од буџетот на државата за следната година. Ќе се финализира инфраструктурата на оваа многу убава област, – изјави министерот на Косово за инфраструктура Арбан Абраши.

Областа Гора има исклучително убава природа што може да биде голема предност за развојот на туризмот како значајна стопанска гранка за населението. Во областа Гора на Косово, на падините на Шар Планина распослани се 18 села населени со Македонци познати како Горанци.

Advertisement