Македонецот Маџиров избран во Градскиот совет на Диселдорф

Македонецот Павле Маџиров е избран за еден од 90. членови на новиот состав на Градскиот совет на Диселдорф. На вчерашните локални избори тој извојува уверлива победа во квартот Мерзенброј, освојувајќи 33,92 проценти од гласовите. „Почитувани граѓани на Мерзенброј, сè што ми остана е еден збор: Благодарам!“, порача новоизбраниот градски советник на главниот град на германската сојузна држава Северна Рајна Вестфалија.

Маџиров беше на изборната листа на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на германската канцеларка Ангела Меркел, која освои 30 советнички места, осум повеќе од партијата на Зелените, а Социјалдемократската партија (СДП) има 16 советници. На локалните избори во Диселдорф учествуваа уште тројца кандидати со македонско потекло.