Македонија и Албанија го започнаа проектот EQUALS за унапредување на бесплатната правна помош

Фото: УНДП

Со обезбедени над 2,5 милиони евра од Австриската развојна агенција, стартува регионалниот проект EQUALS, насочен кон унапредување на достапноста до бесплатно правно советување за приближно 3.000 граѓани во Македонија и Албанија.

Проектот, кој го реализира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Министерството за правда, се фокусира на подобрување на системот за правна поддршка во согласност со европските стандарди. Посебно внимание ќе се посвети на жените, ранливите групи и жртвите на родово насилство.

Според информациите од УНДП, проектот, со вкупен финансиски пакет од 2.500.000 евра, ќе се одвива до 2028 година на териториите на Македонија и Албанија.

Активностите предвидени во рамките на проектот имаат за цел воспоставување поквалитетен и поефикасен механизам за обезбедување бесплатна правна помош, со приоритет на жените и заедниците во неповолна положба.

EQUALS ќе придонесе за подобар пристап до правдата за лицата погодени од семејно и родово базирано насилство, за жени и девојчиња во ранливи ситуации, како и за припадници на етничките заедници, вклучувајќи ги Ромите и Египќаните.

Имплементацијата на предвидените мерки ќе биде спроведена од страна на Министерството за правда.

Во период од три години, проектот ќе обезбеди поддршка за најмалку 3.000 корисници во 8 региони низ земјата. Исто така, ќе се работи на зајакнување на капацитетите на 150 стручни лица и ќе бидат одобрени 15 грантови за невладини организации кои нудат бесплатна правна помош.

Дополнително, проектот ќе иницира активности и во една општина каде ваквите услуги сè уште не се воспоставени.