Македонија ќе воведе 5Г технологија

Македонија ќе воведе 5Г технологија и за таа цел за почеток ќе потпише Меморандум за разбирање со НАТО, соопшти денеска претседателот Стево Пендаровски, по состанокот на Советот за безбедност. Втора точка на дневниот ред на денешната седница на Советот, како што информираше претседателот, биле безбедносните импликаци во врска со 5Г технологијата во државата.

„Втората точка на состанокот беа безбедносните импликаци во врска со 5Г технологијата кај нас. Како членка на НАТО сме обврзани стриктно да ги следиме сите протоколи. Заклучокот во овој домен е дека владата и другите надлежни институции треба доследно да ги применуваат правилата и препораките на НАТО. Министерството за надворешни работи треба да почне да подготвува меморандум за разбирање, сличен на оној каков што потпишаа некои земји-членки на Алијансата од регионот и пошироко, со кој ќе се наведат прецизно нашите обврски, на компаниите, колку тие се компатибилни со работите“, рече Пендаровски.

Претседателот информираше дека нашиот Телеком пред неколку месеци бил во фаза на подготовка на тендер за обезбедување оператор на тој тип услуги.

„Сите оператори во оваа сфера мора да водат сметка за тоа што се наши и национални интереси и обврски. Како членка на НАТО имаме обврска да потпишеме прво меморандум за разбирање со кој ќе биде определена главната политичка магистрала по која ќе се движиме. Со него ќе изразиме политичка волја. Потоа ќе треба да се операционализира. Да се смени серија закони, за електронски комуникации и други, зашто таму немаше досега такви генерални огради. И да бидеме во тек со тоа што ќе го диктира Алијансата, каде станавме членка на наше барање“, додаде Пендаровски.

Advertisement