Македонија: Претседателските кандидати потпишаа Кодекс за фер и демократски избори

 

Кандидатите за претседател, Блерим Река, Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски, денеска во просториите на Државната изборна комисија (ДИК), го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори. Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски изјави дека текстот на Кодексот содржи одредби коишто секој кандидат треба да ги почитува.

Кандидатот на Алијансата за Албанците и Беса, Блерим Река порача дека е важно резултатот да биде регуларен, без разлика на тоа кој ќе победи.

„ Не е важно кој ќе победи, важно е резултатот да биде регуларен, со цел да влеземе во ЕУ. Ова нема да биде трка за живот и смрт, туку трка за ново поглавје на држвата. Наше е да ги исполниме обврските од кодексот“, рече Река.

Професорката Гордана Силјановска-Давкова поддршана од ВМРО-ДПМНЕ очекува дека борбата ќе се води со аргументи.

„За мене етичките правила се подеднакво важни, а можеби и поважни од правото и правдата. Очекувам тешка борба, иако сум жена. Борба со аргументи, а не византиски. Се надевам дека последниот збор ќе го имаат граѓаните”, рече Гордана Силјановска -Давкова.

Кандидатот од редовите на СДСМ, Стево Пендаровски вети дека потпишаното во Кодексот ќе биде спроведено на терен.

„Немам дилеми дека тројцата ќе направиме сѐ за да имаме демократска борба. Сакам да посакам успешни, фер, демократски избори“, изјави Стево Пендаровски.

Кампањата за претседателските избори почнува од утре, 1 април и завршува на 19 април на полноќ. Првиот круг на гласање за претседателските избори ќе се одржи на 21 април.