Македонија: Претседавачот на Воениот Комитет на Европската Унија, во посета на Генералштабот на Армијата

Претседавачот на Воениот Комитет на Европската Унија, генерал Клаудио Грациано во рамки на неговата официјална посета на Армијата на Република Македонија, која е прва посета на председавач на воен комитет на ЕУ на  нашата држава, денес престојуваше во Министерството за одбрана и генералштабот на Армијата.

По пречекот  со високи воени почести генералот Грациано оствари средби со својот домаќин, началникот на ГШ на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

За време на средбата генералите Ѓурчиновски и Грациано разговараа за учеството на Армијата во мировните операции на Европската Унија, процесот на транформација и интеграција во НАТО и за искажаната поддршка од страна на Воениот комитет на ЕУ за нашите интегративни процеси во евроатланските  структури.

На средбата меѓу министерката за одбрана Радмила Шекеринска и високиот гостин стана збор за  учеството на нашата земја во меѓународни обуки и мисии на ЕУ и соработката. Двајцата соговорници го поздравија континуираниот ратификациски процес за членството на  Македонија во НАТО и изразија надеж дека кон средината на месецов ќе биде донесена и одлука  за почеток на преговори за членство во ЕУ. Министерката Шекеринска рече дека вчерашното заедничко писмо на клучните луѓе на Унијата до земјите членки да одобрат преговори е силна порака до нашата земја и до регионот

На состанокот на кој беше презентиран придонесот на единиците на Армијата во мировните операции предводени од ЕУ, генералот Ѓурчиновски истакна дека нашето учество и придонес во заедничката одбрамбена политика е важен инструмент во интензивирањето на политичкиот дијалог со ЕУ и е еден од елементите на проценката на европската комисија во исполнување на критериумите во членството во ЕУ.

Од страна на генералот Грациано, се искажаа пофални зборови за учеството и професионалноста на припадниците на Армијата на Република Македонија во мировните мисии и збогатувањето на облиците на  заедничка обука и вежби ќе продолжи да биде постојано отворена и надоградувана во тек на понатамошната соработка.

За време на посетата делегацијата ќе ги посети и единиците на Армијата во касарната Илинден, а ќе оствари и посета на претставништвото на Европската Унија во Република Македонија.

Армијата на Република Македонија, како дел од стратегиската определба за членство во ЕУ, декларираше свои единици за учество во мировната мисија на ЕУ, Алтеа во Босна и Херцеговина во која активно учествуваме од 2006 гоина. Во мисијата во состав на единиците досега учествувале повеќе од 300 припадници на Армијата, а во 2008 година враќајќи се од оваа мисија трагично го завршија животот 12 наши припадници.

Покрај учеството во АЛТЕА, Армијата на Република Македонија  партиципира и во борбените групи на ЕУ, каде во текот на 2014 година на вежбата „Брз Лав“ во Белгија, активно учествуваше со една декларирана пешадиска чета.