Македонија: Се одржа 48 Семакедoнска средба во Трново

 

На 2 август, на големиот национален и верски празник Илинден, во организација на Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола, Светскиот Македонски Конгрес и Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОНво дворот на црквата “Успение на Пресвета Богородица“ на потпелистерското село Трново, битолско, се одржа традиционалната 48 Светска македонска иселеничка средба и 39 Погранична средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, како една и единствена Семакедонска илинденска средба Трново 2019.

На Семакедонската средба во дворот на црквата “Успение на Пресвета Богородица“ и околу црквата присуствуваа околу пет илјади Македонци од сите делови на Македонија и од целиот свет.

Свое обраќање пред присутните имаа претседателот на Матицата на иселениците од Македонија Иван Џо Петрески, претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија Александар Јаневски, архимандрит Никодим Царкњас, Ефтим Митревски во името на Пале Колефски градоначалник на општина Пустец, Васил Стерјовски пратеник во Собанието на Република Албанија и претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров.

За присутните беше подготвена богата културно-уметничка програма во која учествуваа Културно-уметничкото друштво “Гоце Делчев“ од Битола и естрадните уметници Гоце Касаповски, Ванчо Тарабунов и Марија Воденска.

За прв пат после половина век, власта целосно ја бојкотира една од најзначајните манифестации на Македонците во светот и во соседните држави на Републиката.

Имаме гости од цела Република, од соседството и од светот. Не знаеме кои се причините зошто нема присуство од општина Битола и од Владата. Беа уредно поканети, но не добивме никаков одговор – рече Александар Јаневски, претседател на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН.

Со нас тука сепак има видни гости, вистински патриоти, вистински Македонци. Од никого со сила не може да сториме патриот, да си ја сака нацијата, татковината и државата, – рече претседателот на Матицата на иселениците од Македонија Иван Петревски Џо.

Инаку, Семакедонската средба со голем патриотизам, помина во духот на одбраната на името.

Преседателот на Матицата на иселениците од Македонија, Иван Џо Петрески ја прогласи Семакедонската средба за отворена и во своето обраќање рече дека Матицата на иселениците од Македонија останува цврсто во борбата против промената на името на државата и идентитетот на нацијата.

Никој нема право да ја менува нашата историја. Постоиме, овде остануваме, ја отфрламе промената на името на нашата држава Македонија! Нашиот искон до бескрајот била и останува Македонија. И не залудно е речено: Народ без историја нема иднина. За жал, иднината на тие околу нас, била во нашата небиднина. Од окупацијата врз Македонија и геноцидот врз Македонскиот народ од Балканските војни 1912-1913 година. Да не’ снема од земјината топка, како и да не сме постоеле. Но, и покрај се’ и после се’, Македонија е фениксот, Македонците се пирејот. Повеќе никој не може да ја смести Македонија во заборавот. Бројни се македонските востанија за Македонска држава и жалосно е самите да си ја отсечеме гранката на која седиме, поради други и туѓи интереси, за свои сфери на влијание на овие простори. А, колаборационисти и врховисти имало многу. Имало и паметиме и херои, револуционери, знајни и незнајни јунаци кои ги положиле своите животи пред олтарот на татковината за слободата во која живееме, која треба да ја браниме и одбраниме, затоа што тоа е наше право и обврска! Македонија е светост без која не постоиме! – рече во своето обраќање претседателот на Матицата на иселениците од Македонија Иван Џо Петрески.

Александар Јаневски, претседател на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН истакна дека Егејот е душата на Македонија и дека милиони македонски срца, на сите меридијани во светот, денес чукаат за Воден, Лерин, Бер, Солун, Костур, Драма, Кукуш, Кавала…

Нашата љубов кон родниот крај не е иредентизам! Одлучно ги отфрламе таквите обвиненија на окупаторите на Македонија и нивните соработници! Овој кошмар од 17 јуни 2018 година ќе го надживееме! Македонија повторно ќе ја вратиме, затоа што таа е фениксот, а Македонците се пирејот кој не се корни и не исчезнува! И натаму остануваме посветени на унапредувањето на положбата и правата на Македонците во Егејскиот дел на Македонија, и на остварувањето на граѓанските права – правото на државјанство, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија од Првата и Втората Балканска војна, од Првата и Втората Светска Војна и од Граѓанската војна во Грција! Бараме земјите учеснички во овие војни да се извинат за сите историски и општествени неправди и да ги осудат окупацијата врз Македонија и геноцидот врз Македонскиот народ. Бараме репарации за штетите по животите и имотите на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија, – беа завршните зборови на Алексаданр Јаневски.

Неговото Високопреподобие архимандритот Никодим Царкњас, фрли клетва врз тие што го потпишаа Преспанскиот договор и нагласи дека ниту по таа цена Македонија нема да влезе во Европа.

Не им е срам на политичарите да ја фалсификуваат историјата и да прават што сакаат со Македонскиот народ? На што ќе ги учат новите генерации? Само за бизнис, за пари да бројат? Каде е кај нив националното чуство? Ова фалсификување на се’ македонско е срамота, нема зборови да се искаже револтот кај Македонскиот народ. Срам е за Европа да бара промена на името на една држава и народ. За жал, Македонија нема да влезе во Европската Унија, не ја сака Франција. Ве лажат дека Македонија ќе влезе во Европската Унија, го мамат народот. Европската Унија не ги сака балканските земји во нејзино членство, тоа секој ден го слушаме во Грција, – рече Неговото Високопреподобие архимандритот Никодим Царкњас.

Ефтим Митревски ги поздрави присутните во името на новоизбраниот градоначалник на општина Пустец, Пали Колефски со честитки за Илинден и ветување дека ќе стори се’ за унапредување на положбата и правата на Македонците во Мала Преспа, за подобар живот и намалување на невработеноста.

Пратеникот во Собранието на Република Албанија, Васил Стерјовски упати искрени честитки до Македонците во целиот свет по повод големиот верски и национален празник на Македонскиот народ – Илинден.

Јас сум горд, затоа што сум прв пратеник во Собранието на Албанија, за првпат во нејзината историја од регистрирана Македонска партија, од Округот Корча. Имам историска должност да Ви пренесам поздрави од Македонците, кои се лојални државјани на Република Албанија, бидејќи таа е и нивна матична држава. Во Албанија сме родени, во Албанија живееме, во Албанија работиме, како албански државјани заедно со сите останати се грижиме за Република Албанија како наша заедничка татковина. Македонците од Албанија, им се придружија на албанските партизани во Втората светска војна, помогнаа во ослободувањето на Албанија од фашизмот и станаа важен дел од оваа земја. Затоа и ние Македонците, заедно со Албанците, Грците, Власите, Ромите, Еѓиптјаните, Србите, Црногорците и Бошњаците, се чуствуваме рамноправни со рамноправните, пред Уставот и законите. Бараме Договор за положбата и правата на Македонците во Република Албанија и на Албанците во Република Македонија, на реципроцитетна основа! За нас е неприфатливо грубото мешање на Бугарија во местата каде живеат Македонци кои Софија ги смета за “Бугари“ иако во Албанија воопшто ги нема! Ние, Македонците во Албанија, бараме помош од Владата на Република Македонија во грижата за положбата и правата на Македонците во Република Албанија. Бараме помош поради обидите за денационализација кои Софија ги врши врз Македонците во Албанија. Таа помош ни е потребна и од сите Македонци во светот! – рече Васил Стерјовски во своето обраќање.

ЕУ и НАТО не се достојни за промена на името на државата и идентитетот на нацијата. Македонија мора да остане неутрална држава, во соработка со сите. И за нас да важи правилото: Македонија нема вечни пријатели, Македонија нема вечни непријатели, Македонија има вечни интереси, рече претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров.

За нас Македонците, името на државата не е само географија. За нас Македонците името на државата е етнологија! По меѓународно право името на националноста е името на државата! Името на државата е идентитетот на нацијата! И затоа, отфрламе промена на името и идентитетот! Повторуваме за да не се заборави: Пратенците и министрите кои влегоа во авантурата “Македонија“, што претставува геноцид врз Македонскиот народ и злосторство против човештвото, преседан во светската историја на народите и државите, ќе завршат со доживотен затвор во Идризово и конфискација на личниот имот и имотот на семејството дома и во светот! Тоа не им бега! Кога тогаш! Оваа агонија и насилство врз народот и државата нема да трае долго! Повикуваме на семакедонско помирување и обединување, затоа што во единството е силата за опстанок на нацијата. И никогаш да не заборавиме: Со сите разлики меѓу нас Македонците, по род и државјанство, во сите делови на Македонија, во татковината и во светот, само Македонија е нашиот единствен заеднички именител, само Македонија е нашиот единствен заеднички содржател! Со Македонија постоиме, без Македонија сите заедно ќе исчезниме! Бараме распуштање на Собранието и нови парламентарни избори! – рече претседателот на СМК Тодор Петров.

Семакедонската средба заврши со општонародна веселба.

Advertisement