Македонија втора по бројот на туристи во Албанија годинава

 

По Косово, државјаните на Македонија се најбројните туристи во Албанија од почетокот на годинава, покажуваат најновите податоци на државниот Институт за статистика. Од јануари до ноември 604.344 посети на Албанија оствариле македонските граѓани, што е зголемување за 13,6 проценти во однос на истиот период минатата година. Само во ноември од Македонија во Албанија влегле 35.604 луѓе со македонски документи за идентификација или 7,8 отсто повеќе во однос на истиот месец лани.

Косово убедливо води меѓу туристите што ја посетиле Албанија во првите 11 месеци годинава со вкупно 1.692.216 посети, но тоа е за 19,1 отсто помалку од наведениот период минатата година. Веднаш зад Косово и Македонија се Грција со 454.722 посети или 21,1 процент повеќе од лани, Црна Гора со 353.991, Италија со 337.737 итн.

Advertisement