Македонска алијанса за европска интеграција бара итно ослобидување на Едмонд Темелко

Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) најостро го осудува притворањето на Едмонд Темелко, градоначалник на општина Пустец, под обвинение за “изборни нерегуларности за локалните избори во Република Македонија во 2013 година“. МАЕИ потврдува дека Едмонд Темелко секојдневно ги извршуваше работните обврски градоначалник на општина Пустец во Република Албанија чиешто државјанство и пасош, исто така, ги поседува, но никогаш не се криел, ниту се дал во бегство, туку редовно се јавувал секоја среда, прво во Основниот суд Скопје 1, а потоа во Основниот суд Ресен, во согласност со претходно утврдените мерки на претпазливост при што му беше одземен само македонскиот пасош. 


МАЕИ укажува дека иако на Специјалното јавно обвинителство и на Основниот суд Скопје 1 знаеја дека Едмонд Темелко е државјанин и на Република Албанија, никогаш не му беше изречена мерка на претпазливост со којашто му се забранува да ја напушта територијата на Република Македонија!
МАЕИ смета дека приведувањето на Едмонд Темелко претставува навреда за сите Македонци во Република Албанија и е дел од оркестрираната асимилација од албанската држава и бугарската пропаганда!
МАЕИ бара претседателот на Република Македонија веднаш да го помилува Едмонд Темелко со цел ослободување од гонење, имајќи ја предвид и неговата нарушена здравствена состојба! 


Македонците во Република Албанија сметаат дека не постои никаква вина кај Едмонд Темелко за делото за кое е обвинет од Специјалното јавно обвинителство. Едмонд Темелко ниту врбувал ниту поткупувал Македонци од Албанија со македонско државјанство и живеалиште во Република Македонија да гласаат на локалните избори во Република Македонија во 2013 година! Македонците во Република Албанија сметаат дека станува збор за политичка хајка против единствениот градоначалник Македонец на само една општина во Република Албанија, како колатерална штета од пресметката меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. МАЕИ потсетува дека Македонците по потекло во Република Албанија се интегрален дел од албанското општество, но нераскинлив и неотуѓив дел од Македонскиот народ во целина!