Македонската Алијанса го осудува навредливото однесување на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев кон Македонците во Албанија

Македонската Алијанса ги повикува граѓаните добро да размислат за изборната понуда. Нема веќе простор за декларативни заложби и верување на „ЌЕ БИДЕ“ предизборни ветувања. Секој кој молчи на очигледната Бугарска асимилаторска политика, работи против Македонската нација. Посетата на Ковачев на Врбник и Мала Преспа со објава дека се сретнал со „Бугарите“ кои живеат таму, промоцијата на книга со наслов „Бугарите во Албанија“ со лого на Европската народна партија, активностите на фондацијата „Бугарска памет“ во Пустец, нема врска со добрососедски односи. Ова е дел од официјалната Бугарска политика за негирање на Македонскиот национален идентитет. Пред 20 дена, Захариева објави дека Бугарската Влада ќе финансира граѓански организации со Бугарска самосвест во Македонија, која е на линија на Декларацијата на Бугарскиот Парламент. За нив не постои Македонска нација, јазик и историја и никогаш нема да се откажат од идиотската теза дека Македонскиот народ е вештачка творба на Тито после 1944 година. Тоа е суровата вистина. Логичен одговор на оваа негаторска политика на Бугарија е одлука на Македонското Собрание еднострано да го раскине Договорот со Бугарија, согласно член 13, точка 3, од истиот.

Нема граѓани со Бугарска самосвест ниту во Македонија, ниту во Албанија! Бугарија не сака да признае дека нивните пасоши се злоупотребуваат од економски причини и полесно работење во ЕУ. Поранешната началничка на одделението за издавање на државјанства во Бугарското Министерство за правосудство, Катја Манева, откри дека Македонците кои од економски причини барале пасоши биле регистрирани на адреса на бандера во некое Бугарско село. Овој огромен скандал ја потврди Бугарската стратегија со злоупотреба на членството во ЕУ да побугарчат што е можно повеќе Македонци. – стои во соопштението потпишано од Претседателот на Македонска Алијанса, Ѓорѓи Џорџ Атанасоски.