Македонската Алијанса го поздравува предложениот Закон за заштита на малцинствата во Албанија

Македонската Алијанса го поздравува предложениот Закон за заштита на малцинствата во Албанија. Конечно, притисокот на ЕУ дава резултати. Се разбира овој Предлог-закон е плод на неуморната демократска борба на Македонското Друштво „Илинден“ од Тирана на Никола Ѓурѓај и Македонската Алијанса за Европска иднина на Едмонд Темелко.

 Македонската Алијанса очекува Предлог-законот да биде изгласан во итна постапка и без амандмански интервенции во текстот. Со постоечките одредби Албанија ќе признае постоење на осум национални малцинства на својата територија, меѓу кои и Македонското. Сакаме да веруваме дека парламентарното мнозинство предводено од социјалистите на Премиерот Еди Рама нема да потклекне на притисокот на познатите негатори на Македонскиот идентитет, Бугарските Европратеници, Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски, кои со иницијатива во Европскиот Парламент во февруари, побараа да се прифати дека во регионите на Преспа, Голо Брдо и Гора живеат Бугари, што беше рамно на смешните големо Бугарски идеи и претпоставки дека евентуално и на планетата Марс има Бугарска колонија.

Ова е прв чекор кон остварување на основните човекови права на нашите браќа и сестри Македонци кои живеат во Албанија. За жал, во овие моменти единствениот Градоначалник – Македонец во Албанија, Едмонд Темелко, доживеа да стане жртва во матичната Држава која го третира како да е терорист. Ние ја продолжуваме битката за унапредување на правата на Македонците во целиот регион. Не ја забораваме Резолуцијата за правата на Македонците во Албанија, која ја предложи Македонското Друштво „Илинден“ од Тирана, кое е рамноправен член на ФУЕН (Федералната Унија на Европски националности) од 2015 година.

Сите шест точки од оваа Резолуција, кои се барања до Албанските Државни институции – за ратификација на повелбата за регионални и малцински јазици на Совет на Европа, за признавање на Македонското малцинство, за еднаков третман на Македонците од Голо Брдо и Гора со оние од Мала Преспа, изучување на Македонски јазик, како и преиспитување на административната поделба од 2015, се барања за чие остварување сите заедно се бориме во континуитет.

Предлог-законот за заштита на малцинствата треба да биде дополнителен мотив за нашите браќа и сестри кои живеат во Албанија да ја продолжат својата политичка и демократска битка за основањето на Македонски културни центри, фолклорни групи, правична и пропорционална застапеност во Државните институции, стипендии за Македонските студенти, достапност на образовниот процес и изучување на Македонскиот јазик –  стои во соопштението потпишана од  претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски.