Македонската Алијанса сочувство за смртта на Јордан Костадинов лидер на ОМО Илинден

 

По повод тажната вест за смртта на еден од најголемите поборници за правата на Македонците во Пиринска Македонија, Јордан Костадинов, сочувство изрази Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски:

„Со длабоко жалење ја примив тажната вест за упокојувањето на Големиот Македонец, Јордан Костадинов. Македонците со смртта на Јордан, изгубија многу. Нашиот народ изгуби еден пожртвуван и посветен човек, кој речиси целиот свој живот го вложи во беспоштедната битка за унапредување на правата и основните човекови демократски слободи на нашите браќа и сестри во Пиринска Македонија.

Јордан кој во 1990 беше еден од основачите на ОМО Илинден и нејзин лидер, беше предводник на силната борба против Бугарскиот иредентизам и упорното негирање на Македонскиот идентитет. Заедно со соборците Тој во повеќе наврати покренуваше постапка пред Европскиот Суд во Стразбур каде Бугарија беше осудена за кршење на човековите права.

Несомнено е дека неговите залагања и пожртвуваност за Македонската кауза, ќе бидат патоказ за сите нас, особено за генерациите Македонци кои доаѓаат и кои ќе ја имаат обврската да ја продолжат битката за остварување на нашите вековни стремежи за обезбедување на достоинствен живот, обединување на Македонците од целиот Свет и градење на силна, економски просперитетна Македонија. Почивај во мир, Голем Човеку!„ – стои во соопштението потпишано од Ѓорѓија Џорџ Атанасоски Претседател на Македонската Алијанса.