Македонската заедница од Обединетото кралство Велика Британија донираше помош за социјално загрозени семејства во Македонија

Обединето кралство Велика Британија и Ирска – Македонската заедница во Обединетото кралство Велика Британија и Ирска со седиште во Лондон, организира хуманитарна акција за собирање средства за помош на социјално загрозени семејства во Македонија.

И покрај отежнатите услови поради вонредната состојба со корона вирусот, донацијата што Македонската Заедница ја организира за социјално загрозени семејства во Македонија беше успешна, беа донирани 1.500 фунти.

Македонската заедница изразува благодарност на сите кои донираа и за неизмерната хуманост!

300 фунти се донирани на Хуманитарната организација “Свети Спас“ во Скопје, чиј претседател е отец Оливер Петровски, а 900 фунти се донирани на Хуманитарната организација Црвен Крст од Свети Николе, кои направија 90 стандардни пакети што ги доставија во 9 градови по 10 пакети во Велес, Неготино, Кавадарци, Пробиштип, Штип, Радовиш, Делчево, Виница и Кочани.

Бидејќи Црвениот Крст од Скопје, Прилеп, Куманово, Тетово и Битола не одговорија на донацијата, останатите 260 фунти повторно се донирани на Црвениот Крст од Свети Николе кои 30 пакети поделија во Кратово, Свети Николе и Македонска Каменица. 40 фунти задржа Facebook за провизија, а банкарските трошоци платени се од членовите на Македонската заедница.

Еден пакет содржи 5 килограми брашно, 2 литри зејтин, 1 килограм ориз, 1 ќесе грав, 4 паковања тестенини по 1,5 килограми, 1 килограм сол, 1 килограм шеќер, 4 пакувања сув квасец, 2 конзерви риба, 3 пакувања супа, со вкупна тежина од 12-13 килограми.

Им благодариме од се срце на сите што донираа за социјално загрозени семејства во Македонија. Донацијата е скромна, но од срце е дадена. Им благодариме на Хуманитарната организација “Свети Спас“ – Скопје и нејзиниот претседател отец Оливер Петровски и на Црвениот Крст од Свети Николе, кои ја изведоа целата логистика во Македонија: купување на продукти, пакување и достава до семејствата, – изјави претседателот на Македонската заедница во Обединетото кралство Велика Британија и Ирска, Симо Поповски Македонски.