
Македонскиот амбасадор Данчо Марковски денеска беше во посета на Булќиза, пограничен град на албанско-македонската граница, при што се сретна со градоначалникот Лефтер Ала.
На средбата одржана во просториите на Општината, градоначалникот Ала високо ги оцени добрите односи меѓу Албанија и Македонија, со посебен акцент на односите, соработката и трговската размена што постојат со години помеѓу општините во близина на пограничните области на двете земји. При тоа посочи дека постојат многу други можности, кои можат да го прошират нивото на оваа соработка, стои во објавата на Фејсбук страната на општината.
Се додава дека интересот на градоначалникот Ала за збратимување помеѓу општината Булќиза и општините од соседната земја, амбасадорот Марковски го оценил како многу важен во развојот на понатамошната билатерална соработка. Од своја страна, амбасадорот Марковски изразил подготвеност да придонесе за проширување на нивото на трговска размена и промовирање на туризмот од двете страни на границата.
Само во текот на оваа година имаше околу 420 илјади граѓани од Македонија кои влегле на територијата на Република Албанија. Но, и покрај многу добрите односи што постојат меѓу нашите земји, време е да се преземат конкретни чекори за конкретни проекти, изјавил меѓу другото амбасадорот Марковски.
Тој ја изразил потребата за поголема посветеност во подобрување на квалитетот на живот на жителите во областа Голо Брдо, што, како што рекол, треба да произлезе од разбирањето, соработката и билатерални договори. Потоа, градоначалникот Ала и амбасадорот Марковски го посетиле и рудникот за хром во ова албанско гратче. Посетата е во рамки на програмските активности на македонската амбасада во Тирана за поттикнување на регионалната и локалната соработка помеѓу двете земји.
На средбата присуствувале и лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, како и Едмонд Османи и Алтин Тола, амдинистратори на административните единици Требиште и Острени, област Голо Брдо, населена со Македонци.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden