Македонскиот aмбасадор Марковски во посета на албанскиот национален театар за опера и балет

Македонскиот амбасадор во Тирана, Данчо Марковски, денеска беше во посета на Националниот театар за опера и балет на Република Албанија, информираа од амбасадата. Марковски имаше срдечна средба со директорката  Зана Чела а потоа во нејзина придружба ја разгледа оваа значајна установа од областа на културата.

Целта на средбата беше размена на мислења и идеи за соработка на оперските куќи на двете земји, македонската и албанската,  во текот на периодот 2022/2023 година,  во рамките на промовирањето на македонската и албанската култура, додаваат од амбасадата.

Посочуваат дека следната година се планира гостување на македонската  Национална опера и балет  во Националниот Театар за опера и балет на Албанија. Оваа албанска установа е основана во 1950 година со формирањето на филхармонијата, во чиј состав бил државниот хор, симфонискиот оркестар и балетската група.