Македонскиот амбасадор во Тирана, Данчо Марковски оствари средба со амбасадорката на САД, Јури Ким

Македонскиот амбасадор во Тирана, Данчо Марковски, оствари средба со амбасадорката на САД во Албанија, Јури Ким, информираа од Амбасадата.

Разговорот беше искористен за меѓусебно информирање за актуелните состојби во регионот на Западен Балкан, во светло на последните случувања, предизвикани со воената агресија врз Украина. Амбасадорката Ким беше информирана за досегашните активности на Владата на Македонија во насока на преземањето на конкретни мерки и рестрикции согласно одлуките на НАТО, ЕУ и ООН, како и јасната осуда на руската воена агресија врз сувереноста и територијалниот интегритет на Украина, стои во објавата на Амбасадата.

Во однос на потенцијалните предизвици по регионот и можно прелевање на кризата во регионот на Западен Балкан, бил потенциран ставот за неодложно преземање конкретни чекори за одблокирање на процесот и почеток на преговори на Македонија и Албанија.

Било нагласено дека „напорите на Скопје и Тирана за генерирање стабилност во регионот мора да биде препознато од Унијата”.

Во таа насока е јасната и цврста определба на премиерот Димитар Ковачевски и членовите на Владата со нивните бугарски колеги за изнаоѓање заемно прифатливи и достоинствени решенија со цел надминување на отворените прашања и градење пријателски односи со Бугарија, кои нема да задираат во идентитетот на нашата држава, се наведува во објавата.

Амбасадорката Ким истакнала дека САД се во постојан контакт со македонските официјални претставници.

Advertisement