Македонските возачки во Германија пред признавање (ВИДЕО)

Германија, како и многу други земји во светот, не ги признава возачките дозволи издадени во Македонија, што им го отежнува функционирањето на иселениците од  Македонија. Тие потпишаа и онлајн петиција како дополнителен притисок за договор меѓу Скопје и Берлин за признавање на дозволите. Александар Бузлески, е еден од организаторите, кој што живее и работи во Германија. Тој вели дека иселениците плаќаат високи казни ако возат само со македонска дозвола. Бузлески вели дека ова прашање го покренале пред  амбасадорот на Македонија во Германија, Сашо Марковски, но и пред претставници на МВР и МНР во Скопје. Добиле ветување дека ќе има решение. Но од германска страна, биле известени дека има застој, поради долгите преговори за составување нов владин кабинет во Берлин.

„На 29 ноември 2017 година претставници од Одделот за ЕУ и меѓународна соработка при МВР на Македонија, заедно со претставници на МНР, остварија средба со Конзулот на Германија во Скопје, г. Ралф Мауредер. Беше разгледан текстот за Заедничката декларација, и заедно со забелешките од германска страна, беше усвоен и  преку МНР  испратен до германската страна уште истиот ден. Се очекува одговор за прифаќање на текстот и за потпишување на Декларацијата во блиска иднина. Очекуваме признавање на возачките дозволи на почетокот од 2018 година“, велат од МВР. Македонските државјани кои живеат и работат во Германија се надеваат на брзо решавање на проблемот кој им претставува дополнителен издаток или пак напор за полагање за довола пред германските власти.  Се смета дека во моментов дијаспората од Македонија во Германија брои околу 100 иселеници.

 

Advertisement