Македонско друштво “Илинден”-Тирана го поздравува откривањето на скандалот со лажните потврди за бугарско потекло во Голо Брдо

Македонско друштво “Илинден”-Тирана ја поздравува ангажираноста на новинарите на емисијата Фикс фаре, на телевизија Топ чанел, за истражувачката сторија во која се потврдува како за пари се издава лажна потврда за бугарско потекло во административната единица Острени, областа Голо Брдо. Тоа е уште една потврда дека пописот на населението воРепублика Албанија помина со многу проблеми.

Голема благодарност до новинарите на оваа позната емисија, која до сега има откриено низа коруптивни афери. Тоа е уште една потврда за она што ние редовно предупредувавме, дека пописот во Република Албанија беше следен од многу проблеми и нерегуларности.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана, исто така ја поздравуваме и експресната акција на полицијата која ги приведе трите лица вмешани во овој скандал.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана пред пописот и за времето на пописот постојано посочуваше за притисок од страна на поединци и бугарските институции за да не се добијат точни податоци за етничката припадност на населението во овие предели. Таквите напори јасно и недвосмислено беа поддржани и од локални личности.

Јавна тајна е дека, не само во најсиромашни области во државата, областите Голо Брдо, Мала Преспа и Гора, има најголема концентрацијата на Македонците. И таму како по градовите, како Тирана, Драч, Елбасан, Либражд, Кукс, Корча и други се вршеше невиден притисок од поединци од Бугарија, но и високи политички личности од Бугарија, како потпретседателката Јотова и амбасадорот во Тирана, преку уцени, поткуп и слично се бараше Македонците да бидат запишувани за Бугари.

Постојано посочувавме дека Македонците во текот на пописниот период и пред тоа, беа уценувани дека ако не се попишат како Бугари ќе им бидат отфрлени барањата за добивање бугарско државјанство или ќе им се одземат веќе добиените државјанства. На таквиот чин на аплицирање жителите во овие краишта се присилени поради големата сиромаштија, а со целда заминат во европските земји за обезбедување основна егзистенција.

Со оглед на последните случувања во врска со лажните потврди, јасно е дека бројор на т.н. Бугари во Република Албанија ќе биде само лажна бројка потребна да се задоволат апетитите на Бугарија, која како членка на Европската Унија ја уценува Република Албанија со вето на нејзиниот пат кон европското семејство.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана, Претседател Никола Ѓурѓај

Македонско друштво “Илинден“-Огранок Голо Брдо, Претседател Фатри Фетаху

 

Advertisement