Македонско друштво “Илинден“-Тирана со свој штанд на Конгресот на ФУЕН во Болзано, Италија (ФОТО)

Македонското друштво “Илинден“-Тирана со свој штанд се претстави на 69. Конгрес на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) што се одржува во италијанскиот град Болзано.

Во рамки на активностите на овој значаен собир, синоќа, со свој штанд се претстави и нашето друштво. Имавме македонска домашна ракија, ајвар, лепче, потоа пропаганден материјал на кој се претставени македонските носии, убавините на областите каде што живеат Македонците, како и примероци од весникот “Илинден“. Искрен да бидам побуди голем интерес кај учесниците, кои го посетија во голем број, изјави за Македонски весник “Илинден” Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото, кој е учесник на Конгресот.

Фото: Г-дин Лорант Винце, претседател на Федералната унија на европски националности и пратеник во Европскиот Парламент и г-дин Бернд Фабритиус комесар на Сојузната влада на Германија за прашања поврзани со етничките германски преселници и националните малцинства во Сојузна Република Германија го посети штанд на Македонско друштво “Илинден“-Тирана во Конгресот на ФУЕН во Болзано, Италија

Според него и претставниците на другите малцинствата од Европа, на свои штандови се претставиле со пропаганден материјал и нивна национална храна.

Македонското друштвото “Илинден“-Тирана член на ФУЕН е од 16 мај 2015 година и е дел од работната група на словенските малцинства при ФУЕН.

Во овој период редовно учествува на сите активности и конгреси на унијата, како што и на овој, кој почна вчера а завршува на 26 октомври, на кој учествуваат претставници на автохтоните национални малцинства, националности и јазични групи од цела Европа.