Македонското друштво “Илинден“-Тирана го осудува посетата на бугарскиот амбасадор Ивајло Киров во Голо Брдо и Мала Преспа

Македонското друштво “Илинден“-Тирана го осудува крајно агресивното и дрско однесување на бугарскиот амбасадор Ивајло Киров кон Македонците во Голо Брдо и Мала Преспа.

Во екот на пописот во Република Албанија, бугарскиот амбасадор Ивајло Киров, без основно почитување на националните чувства на Македонците во Република Албанија, врши отворен атак врз македонското население во Голо Брдо и Мала Преспа, а со намера да го убеди да се попишуваат како Бугари. Со своите постапки бугарскиот амбасадор ги надминува своите овластувања на претставник на бугарската држава во Република Албанија.

Од друга страна, ваквиот недозволив акт претставува и директно мешање во работата на албанската држава и на албанските институции кои се задолжени за спроведување на реален и законски попис во државата. Македонците, како жители на Република Албанија и граѓани кои се примерни жители и редовни извршувачи на своите обврски кон државата бараме соодветна заштита од насилството кое го вршат Бугарите врз нас, Македонците во Република Албанија.

Како Македонци, свесни сме дека од бројот на попишаните Бугари во Република Албанија зависи количината на агресивност што ќе се врши врз нашата матична држава, Македонија за промена на Уставот и запишувањето на Бугарите како конститутивен народ во него.

Исто така, свесни сме дека и кариерата на амбасадорот Ивајло Киров како дипломат ќе зависи во голема мера од тоа колку Македонци ќе убеди за да си плукнат на македонското потекло. Затоа, иститот дели мобилни телефони, таблети во Требиште и лекови во Пустец, при што дели и книги на бугарски јазик за македонските деца.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана ја искажува својата разочараност од ваквата активност на една членка на Европската унија бидејќи на овој начин покажува дека мешањето во целиот тек на пописот и неговата законитост се под знак прашалник.

Знаеме и тоа дека бугарската агресивност кон нас Македонците, кои не сакаме да газиме по сопственото македонско чувство, треба да ја запрат само институциите на државата во која живееме, Република Албанија. Македонците во Република Албанија не сакаат да поверуваат дека ваквите притисоци врз нив од страна на бугарскиот амбасадор Ивајло Киров ќе поминат без реакција од страна на албанската власт.

Воедно, очекуваме и сериозна реакција и од Европската унија кон својата членка, Бугарија, поради беспримерното нарушување на законското и непречено одвивање на пописот во Република Албанија. Доколку ваквите бесрамни екскурзии на Киров продолжат, тогаш Македонците во Република Албанија ќе имаат причина да се сомневаат во релевантноста на резултатите од пописот 2023 година во Република Албанија.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана, Претседател Никола Ѓурѓај

Македонско друштво ”Илинден”- Огранок Голо Брдо, Претседател Фатри Фетаху

 

 

Advertisement